Диди обвинет за организирање проституција, но ослободен од најтешките обвинувања.

Американскиот рапер Шон Комбс, познат под името „Диди“, доби пресуда во која е прогласен за виновен за неколку поголеми дела во врска со проституција, додека беше ослободен од најтешките обвиненија за рекетирање и трговија со луѓе.

Според одлуката на судот, Комбс е признат за виновен по две обвиненија поврзани со пренесување на лица со цел да се врши проституција. Поранешниот федерален обвинител и правен аналитичар, Неама Рахмани, за медиумите изјави дека, по оваа пресуда, не се очекува Диди да добие значителна казна.

„Веројатно ќе добие минимална казна или дури воопшто нема да биде казнет. Можеби ќе добие и време веќе отслужено, иако за проституција максималната казна е десет години. Сепак, откако беше ослободен од најсериозните обвиненија, јасно е дека Владата не би го покрена случајот ако не сметаше дека главната работа е само проституцијата. Ова е најскапото судење за проституција во американската историја“, изјави тој.

Според правникот, ова претставува значајна победа за одбраната и голем пораз за обвинителството.

На судењето, кое траеше неколку недели, сведочеа 34 сведоци, вклучувајќи ја и поранешната девојка на Диди, Касандра – Кеси Вентура. Комбс беше обвинет и за организирање криминално здружување, кое во текот на 20 години извршувало различни кривични дела, вклучувајќи потпалување, поткуп и киднапирање, користејќи ги своите вработени и блиски соработници.