Британскиот весник Financial Times го прогласи милијардерот Џорџ Сорос за личност на годината за 2018-та.
„За личност на годината на FT обично се одлучува врз основа на достигнувањата (во текот на таа година). Во случајот на Сорос, оваа година одлучено е и на основа на вредностите кои тој ги претставува“, наведува Financial Times во образложението.
88-годишниот Сорос – евреин со унгарско потекло, опишан е како „татко на индустријата на хеџ-фондови“, но и како човек кој се залага(л) за либерална демократија и отворено општество – кои сé повеќе се на удар од популистите. Сорос „преку филантропија се бореше против авторитаризмот, расизмот и нетолеранцијата“, наведува весникот.
„Франс прес“ пишува и дека Џорџ Сорос, поради неговите заложби, станал жртва на националистите и приврзаниците на теориите на заговори во Европа и САД. Тие го обвинуваат дека со своите хуманитарни активности и преку невладините организации ја поддржува илегалната имиграција, потсетува агенцијата.
Фондацијата „Сорос“ во август го пресели седиштето од Будимпешта во Берлин, откако владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан го усвои законот познат како „Стоп Сорос“.
Напади на сметка на Сорос стигнаа и од Доналд Трамп, кој го обвини дека ги платил жените кои протестирале против спорната кандидатура на Брет Кавано за американскиот Врховен суд.
Конзервативните критичари го обвинија Сорос и дека тајно го финансира „карванот мигранти“ кои од земјите на Централна Америка преку Мексико се упати кон САД.
Дека милијардерот има многу непријатели се покажа и во октомври, кога ФБИ пронајде експлозивна направа во поштенското сандаче пред куќата на Сорос во државата Њујорк.