Џонсон го предупреди Путин: Секаква дестабилизирачка акција кон Украина ќе биде „стратешка грешка со значителни последици“

Членките на НАТО алијансата ѝ се закануваат на Русија со тоа што ја шират активноста во Украина, порачал денеска рускиот претседател Владимир Путин во телефонскиот разговор со британскиот премиер Борис Џонсон, соопшти Кремљ, пренесува „Ројтерс“.

Како што наведува агенцијата, американските разузнавачи проценуваат дека Русија може да планира мулти-фронтовска офанзиава на соседна Украина уште рано следната година, која би инволвирала 175.000 воени трупи.

Кремљ, од друга страна, демантира дека планира инвазија и тврди дека Западот е обвиен во русофобија. Москва инсистира на спротивното – дека експанзијата на НАТО ѝ се заканува на Русија и оди во спротивност со гаранциите кои ѝ беа дадени кога Советскиот Сојуз се распадна во 1991 година.

Според Кремљ, Путин подвлекол дека сето ова се случува поради активната воена експанзија на територијата на Украина од страна на НАТО земји, што создава „директна закана по безбедноста на Русија“.

Прочитајте и:  Гринфилд: Се додека Украинците се борат против инвазијата и идеологијата на „посилниот секогаш е во право“, САД ќе ги поддржуваат

Џонсон, пак, ја нагласил посветеноста на Велика Британија кон територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, и го предупредил Путин дека било каква дестаблизирачка акција против Украина ќе претставува „стратешка грешка со значителни последици“, соопштија од кабинетот на британскиот премиер.

„Тој ја изрази длабоката загриженост на Велика Британија во однос на натрупувањето на руски воени сили на украинската граница, и ја повтори важноста на работењето преку дипломатски канали во насока на деескалирање на тензиите и на ‘идентификување’ на одржливи решенија“, се вели во соопштението на Даунинг стрит.

На средбата изминатиов викенд во Ливерпул на северозападот на Англија, министрите за надворешни работи од Г7 упатија предупредување до Русија, а британската министерка Лиз Трус се закани со „огромни последици за Русија во случај на инвазија на Украина“.

- Реклама -