Анџелина Џоли прв пат се појави во јавноста по објавата за нејзината операција во која ѝ се отстранети јајниците и јајцеводите.
Нејзините деца беа нејзини најголеми обожаватели на доделувањето на наградите Kids’ Choice.
Славната актерка, режисерка и хуманитарка Анџелина Џоли е голема инспирација на многу жени ширум светот.
Таа се појави одлично расположена и со голема насмевка на лицето во црн Версаче фустан на доделувањето на наградите Kids’ Choice во друштво на своите ќерки, 10-годишната Захара и 8-годишната Сило. Џоли ја освои наградата за главната улога во филмот „Maleficent“, а реакциите на нејзините деца беа бесценети.
За време на својот говор за благодарност актерката испрати важна порака до сите деца што ја гледаат популарната емисија.
„Сакав само да кажам, кога јас бев мала, исто како „Maleficent“ ми рекоа дека сум различна. Се чувствував дека не припаѓам, беше прегласно, премногу страшно, никогаш добро,… но потоа еден ден сфатив. Нешто што се надевам дека и вие ќе сфатите. Различното е добро! Така не мора да се прилагодувате на другите, бидете свои. Никогаш не се обидувајте да бидете нешто што не сте. Кога некој ќе ви каже дека сте поинакви само насмејте се и бидете горди. И како ваша омилена вештерка само уште би додала- слободно понекогаш паднете во неволја. Тоа е добро за вас“, порача Анџелина.