Џиновско срце на површината на Плутон

Џуџестата планета Плутон е поинаква од она што до сега го мислевме за неа. Меѓу другото, не е сина, ниту сива, туку има црвенкаста боја. Освен тоа, има срце за уште најмалку три светови.

Најновите и најдетални фотографии од Плутон во историјата се снимени од сондата „Нови Хоризонти“, која по девет години и поминати близу пет милијарди километри, конечно му се приближи на ова небесно тело. На првата фотографија што сондата ја испрати по малите технички проблеми, на површината на Плутон се забележуваат мали светли точки, кои би можеле да бидат ледени капи, како и таинствена темна дамка која потсетува на голем морски кит т.е. мистериозна светла дамка што несомнено личи на срце.

Научниците очекуваат дека сондината камера, која патем има многу висока резолуција, ќе испрати уште појасни и попрецизни фотографии за време на историскиот прелет околу Плутон, кој ќе го обави во вторник (14 јули), кога ќе биде на само 12.500 километри растојание од површината на планетата-џуџе.

Прочитајте и:  Curiosity испрати неверојатна панорама од Марс

Патем, Нови Хоризонти лета со брзина од 50.000 километри на час, што ја прави најбрзото вселенско летало испратено до сега. Опремена е со седум инструменти, меѓу кои и инфра-црвени и ултра-виолетови спектометри, телескопска камера и детектор за космичка прашина. Напојувана е од еден термоелектричен генератор, а троши помалку струја од две сијалици од 100 вати. Има доволно енергија за уште 20 години патување.

Атмосферата околу Плутон оневозможува пристап на сондата до нејзината површина, па Нови Хоризонти ќе мора да ја истражува планетата и нејзините пет месечини од дистанца.

- Реклама -