Англиската пејачка Маријана Фејтфул прослави 50 години од својата кариера, а во едно интервју откри дека знае кој го убил фронтменот на групата „Дорс“, легендарниот Џим Морисон. Имено, таа изјавила дека во текот на кариерата и биле поставувани најневеројатни прашања, а еден од новинарите се осмелил да ја праша зошто го убила пејачот Џим Морисон.- Прашањето го сфатив многу сериозно. Сега ќе му објаснам поради што не го убив Џим. Но, знам кој го направи тоа – истакнала Маријана.
Приказната се враќа повеќе од четири децении наназад, во летото 1971 година. Таа патувала во Париз со своето тогашно момче Жан Де Бретељ, кој им бил личен дилер на хероин на сите познати личности.
Кога пристигнале во француската престолнина, Жан и рекол на пејачката дека мора да го посетат фронтменот на „Дорс“ во неговиот апартман во улицата Ботрелис.
– Почувствував некоја непријатност во стомакот. Едноставно имав чувство дека ќе се случи нешто лошо. Помислив, добро, ќе земам неколку Туинали (дрога т.е. комбинација на два вида барбитурати) и ќе се чувствувам како да не сум таму. А Жан отиде кај Морисон и го уби. Убедена сум дека била несреќа. Очајник. Дозата била премногу силна за него, и починал. Сепак, сите кои се поврзани со смртта на кутриот Џим се одамна под земја. Освен мене – раскажала Маријана Фејтфул.
Џим Морисон во март 1971 година се преселил во Париз, со цел да направи пауза од концертите и да се концентрира на пишување. Се надевал дека ќе го врати својот живот на вистински пат.Починал набрзо после тоа, на 3 јули 1971 година, во својата када на 27-годишна возраст. Многу обожаватели и биографи тврдеа дека тоа било од предозирање со дрога, но официјалните извештаи покажуваат дека причина била прекин на работата на срцето.Аутопсија не била извршена бидејќи медицинскиот вештак, постапувајќи според францускиот закон, не пронашол траги на насилство или злосторство. Непостоењето на официјална аутопсија оставило многу неодговорени прашања и обезбедило погоднотло за шпекулации и гласини.
Во својата книга во која ги опишува најинтересните детали од својата 50-годишна кариера, Маријана исто така зборува и за соработката со Ник Кејв на новиот албум, како и дека е „згрозена од смртта на Ејми Вајнхаус“.