По петте илјади концерти кои ги организирав и многуте турнеи во текот на 35 годишната работа како менаџер, биоритамот ми е сè уште нарушен. Можам да останам буден цела ноќ, пак во друштво на билтените или телетекстот.
Ако денот ми е ден, а ноќта-ноќ, вечерта ми завршува или во некое фино кафеанче со пријатели, или дома, со најблиските, изјави во едно интервју познатиот Велибор Џаровски Џаро и притоа додаде:
Ме мотивираат моите внуци, Лара и Лука. Таа глумица, а тој клавирист. Обожавам да ги задевам, и најмногу ме забавуваат нивните одговори на моите досетки. Вчера се вратив од едно патување низ Србија и низ Босна и Херцеговина, се видов со многу мои стари пријатели.
Тие средби ме мотивираат, како и редовните викенди во „Хит“ хотелот во Дојран и во „Инекс Горица“ во Охрид. Волја ми дава подготовката на мојата автобиографска книга и документарецот.
Поранешниот менаџер Џаро за кого многумина коментираат дека е жива легенда според возраста, спаѓа во ризичната група, па вели заради тоа од дома не е мрднат месец и кусур.
Седејќи дома се потсетил на притворот во Сплит од 1987 година, а случката ја споделил на неговиот нов сајт – dzaro.mk.
Во ризична група сум нели, на 20 март наполнив 71 година. Не дека не го поддржувам карантинов, не е за џабе измислен. И што е за мене еден месец карантин кога сум бил и повеќе?
Во морски карантин. Во Сплит, во 1987 година бев три месеци во притвор затоа што ме теретеа за 22 намесетени натпревари. Е, тоа е карантин. Ама овој некако како полошо да ми дојде. Таму имаше фешти секој ден. Затоа, на моите дома им реков: Подобро ми беше во затвор во Сплит отколку во овој карантин сега. Ќе помине и ова. Чувајте се, вели Џаро.