Џана Џихад – 10-годишната новинарка од Палестина

џана

Пред еден месец, Џана Џихад Ајад наполни 10 години. Тоа ја вбројува меѓу најмладите новинарки во светот.

Живее во селото Наби Салеј во окупираниот Западен Брег во Палестина. Заедно со многу од локалните деца, таа редовно учествува на демонстрациите против израелската окупација. Почнала да снима видеа од тоа што се случува во нејзиното село уште кога имала 7 години.

„Нема многу новинари што испраќаат пораки од Палестина кон светот, па помислив, зошто да не ја пратам мојата порака… и да им покажам што се случува во моето село“, вели Џана за Ал Џезира.

Во нејзиното семејство нема новинари, освен ако не го броиме вујко ѝ – Билал Тамими, кој е фотограф што го документира насилството на израелските војници во Наби Салеј. Џана само делумно е инспирирана од него.

„Зборувам за тоа што се случува“, објаснува таа. „Гледам окупација, војници, топови и полиција. Тие прават сé што можат да нé натераат да си заминеме од нашата земја“.

11698681_873564442730479_9211859819259816169_n-696x464[1]

„Не смееме да ги учиме нашите деца на тишина; тие мораат да се борат за нивната слобода“ – Билал Тамил

Решавачката одлука Џана ја донела кога нејзиниот млад братучед Мустафа Тамими и другиот вујко – Ружди Тамими, ги губат животите. Мустафа е убиен со боца со гас, а Ружди е фатално застрелан во бубрегот. Оттогаш, Џана работи уште посериозно, патувајќи со нејзиното семејство и снимајќи со Ајфонот на мајка ѝ. Патроли, рутински проверки, протестни маршови и насилство врз палестински деца – во нејзините видео репортажи има сé од наведеното.

Тоа што е дете има и предност, смета самата: „Војниците ги фаќаат големите новинари и им ги земаат камерите“. Звучи како војниците да не ја сфаќаат Џана сериозно, исто како што не го сфаќаат ефектот што војната го има врз децата. А всушност, Џана е мошне популарна на Фејсбук и ја следат најмалку 22.000 луѓе.

Прочитајте и:  Израелскиот МНР: Проектот палестинска држава не е релаен

„Мојата камера е моето оружје. Оваа камера е посилна од пушките… Можам да им испратам порака на малите луѓе, а тие да ја испратат на другите“.

Мајка ѝ е преплашена, но и горда на својата ќерка. „Горда сум што ја пренесува својата порака на светот. Ги споделува своите стравови, тоа што го чувствува, и проблемите околу одењето во училиште… Но сум исплашена за неа; кога војниците доаѓаат среде ноќ и ни ја напаѓаат куќата со солзавец, и се будиме во чад… Тие ги напаѓаат нашите луѓе кои демонстрираат против израелската окупација“.

Вујко ѝ потешко ја прифаќа нејзината работа. „Таа треба да игра и да учи, но во нашиот живот нема таков избор“, напомнувајќи дека нивното семејство има долга историја на активизам, уште од 1948-мата година. „Мораме да ги научиме нашите деца да не прифаќаат понижување и да не бидат кукавици. Ние сме под окупација. Не смееме да ги учиме нашите деца на тишина; тие мораат да се борат за нивната слобода“.

Кога ќе порасне, Џана сака да работи во Си-Ен-Ен или Фокс. Звучи чудно, ама баш заради тоа не е: „Тие не зборуваат за Палестина, а јас сакам да известувам за Палестина“.

На прашањето како би изгледал идеалниот свет за неа, Џана конечно ја покажува детската страна: „Сакам да е розев“.

- Реклама -