На денешната двојазична прес-конференција по повод објавувањето на Законот за јазици во Службен весник, Претседателот на Собранието на Република Македонија – Талат Џафери, и официјално ги образложи неговите овластувања и зошто Указите (за Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на договорот со Грција) ги испратил без потпис на претседателот на републиката – Ѓорге Иванов.
На новинарско прашање, Џафери одговори дека не чувствува одговорност, дека работи според Уставот и дека му дал доволно време на претседателот Иванов да го исполни својот дел од уставните обврски:
„Од почеток на постапката за донесување на Законот за јазици тврдев дека постапувам во рамките на постапките и процедурите во Уставот и на Деловникот“.
Џафери додаде и дека претседателот Иванов на крајот од својот мандат ги помешал лонците и дека законодавната власт е таа што може да побара одговорност од претседателот, а не обратно:
„Може да се смета дека е злоупотребена службената должност со нетпотпишувањето на законот од страна на претседателот. Според членот 8 од Уставот направена е поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Претседателот е дел од извршната власт и не може да се меша во делот на законодавната власт и да не ја исполнува својата обврска“, порача Џафери.
Како што рековме на почетокот, Џафери се обраќаше и на македонски и на албански, а интересно беше што во неколку наврати тој се истрча веднаш да одговори на прашањата поставени на албански, без да чека преведувачката да ги преведе и на македонски. Едно време таа дури и целосно се откажа да го преведе прашањето.
(пресот почнува од 8:10 во видеото)