Џафери: Нема да дозволам да останеме без претседател

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ги повика политичките партии навреме да се договорат за терминот за одржување на претседателските и парламентарните избори следната година сè со цел почитување на законските и уставните рокови.

„До Нова Година треба да имаме консензус по однос на претседателските избори, парламентарните избори се друга приказна и важат други процедури и други рокови и има време до февруари, март“, истакна Џафери на денешниот брифинг со новинарите.

Ако партиите немаат согласност и калкулираат, вели, тој тоа нема да го остави така, нема да дозволи да се излезе надвор од она што е пропишано.

„Должен сум тоа да го направам и да обезбедам дополнително време за да не останеме без претседател“, посочи Џафери.

Претседателот на Собранието вели дека за уставните измени не е ништо променето по тоа прашање.

Тој информираше дека пратеници од Беса и Алтернатива поднеле барање за оглас за член на Државната изборна комисија.

За предложениот нов деловник на Собранието, чиј предлагач е Џафери, утре почнува амандманската расправа. Како што информираше Џафери, поднесени се триесетина амандмани и тоа од пратениците од Левица, СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, а дел од амандманите ги подготвила собраниските служби и ќе ги поднесе тој како предлагач. Се очекува новиот деловник да биде донесен со консензус и најверојатно ќе биде ставен на седницата на 2 ноември. Деловникот ќе се применува од почетокот на новиот мандат односно тоа првпат ќе биде со свикување на конститутивната седница на следниот парламентарен состав. Новина е дека таа седница нема да може да трае повеќе од три дена.

Извор: МИА

- Реклама -