Претседателот на Собранието не чувствува потреба да им се извини на службениците за скандалозното однесување кое јавноста имаше можност да го слушне на аудио снимката објавена на социјалните мрежи.
„Јас немам објаснување за тоа, во смисла на објаснување. Јас сум претседател на Собранието и со Деловникот на Собранието е пропишана мојата надлежност. Меѓу другите надлежности е да ја следам работата на службата. Покрај тоа треба да создадам услови и предуслови за работа на службата. Ако некој мисли дека службата треба работното време да го помине на улица ‘Македонија’, претпоствувам дека граѓаните не посакуваат таква служба, ниту во Собранието, ниту во која било институција“, изјави Талат Џафери на денешната средба со медиумите.
„Ние, како раководство на Собранието, сме ги направиле сите предуслови за да создаваме соодветни услови за службата, и статусно и материјално и институционално“, истакна, исто така, Џафери.
Собранискиот спикер објаснуваше и дека службеник во Собранието, според Законот, има повисока плата за 20 отсто од својот колега во која било друга институција. Потсети и дека минатата година била извршена набавка на 100 компјутери за службата.
„Ако некој мисли дека ќе ја пуштам службата работното време да го помине на улица ‘Макединија’, се лаже. Ни помалку, ни повеќе не барам. Да бидат на свое работно место колку што е пропишано, осум часа имаат време да бидат на свое работно време, осум часа треба да се на работното место“, вели Џафери.
Пцовките, објаснува, не биле кон вработените, туку кон односот што тие го имаат кон работата. Според Џафери, тие доставиле погрешни материјали за седницата.
Претседателот на Собранието, воедно, апелираше до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да води сметка за она што го направиле и за она што кажале за направеното.
„При вршење на моите должности не сметам дека сум прекршил нешто, останатото или другото е прашање на јавноста“, рече Џафери на брифингот со новинарите.
Во однос на пријавата за него до собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, а во врска со овој случај, Џафери кратко ја образложи процедурата и додаде дека нема коментар по однос на тоа дали е можна негова суспензија.
„Има соодветна процедура и материјалот е пуштен во процедура и немам коментар по однос на тоа“, рече тој.
Џафери потенцираше дека е одговорен за состојбата во Собранието и ги повика новинарите слободно да направат анкета со службата.
„Кога сакате, како сакате и службениците нека си ги кажат мислењата сами“, понуди спикерот.
На средбата со медиумите присуствуваше и генералната секретарка на Собранието – Цветанка Иванова, која од новинарите беше прашана да даде свое мислење за однесувањето на Џафери, но тој тоа не го дозволи, посочува МИА, цитирајќи го:
„Не може, брифингот е мој, јас го организирам и спроведувам и не е приватна сопственост“, рекол Џафери.
Извор: МИА