Џафери на аудиенција кај Папата изразил надеж дека што поскоро ќе ги почнеме преговорите со ЕУ

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на аудиенцијата кај Папата Франциск во Ватикан изразил надеж дека земјава што поскоро ќе ги почне преговорите со ЕУ, бидејќи, како што посочил, одолговлекувањето на процесот предизвикува евроскептицизам.

„Во однос на членството во ЕУ моментално кај нас се одвива скрининг процесот и ни претстојат уставни измени за кои мора да обезбедиме двотретинско мнозинство. За жал, предолгото чекање пред вратите на ЕУ предизвика и слабеење на поддршката на граѓаните за интеграцијата, меѓутоа се разбира нема да се откажеме од постигнувањето на оваа стратешка определба“, истакнал Џафери.

Собранискиот спикер ја потврдил и поддршката на Македонија за Украина и ја осудил „неправедната и неиспровоцирана агресија на Русија“ врз земјата.

Џафери потсетил и дека веќе сме полноправни членки на НАТО Алијансата и, како што рекол, сме активни чинители во одржувањето на глобалниот мир, додавајќи дека годинава сме и земја претседавач со ОБСЕ.

На тема соработката меѓу земјава и Светата Столица, Џафери посочил дека двете држави се нераскинливо поврзани преку историски врски на важните личности од заедничкото минато, кои се темелат на заедничките историски, културни и верски традиции.

„Но постои широк потенцијал за понатамошно унапредување на тоа партнерство, како на билатерален, така и на меѓународен план, особено преку Националната библиотека ‘Св. Климент Охридски’- Скопје и Ватиканската библиотека, како и меѓу тајниот Архив на Ватикан и Државниот архив на МК, меѓу Институтот за национална историја на Северна Македонија и Ватиканската библиотека и Архив во размената на научно-истражувачки работници, како и преку потпишување на меѓудржавен договор за регулирање на надлежностите во сферата на високото образование меѓу двете држави, по моделот на вакви слични договори што ги има Светата Столица со земји од регионот“, истакнал Џафери.

Претседателот на Собранието подвлекол дека „Република Северна Македонија е мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава во која има длабока традиција на меѓурелигиска толеранција, се почитуваат различните верски чувства и се негуваат конфесионалните слободи“, а во контекст на тоа додал дека верските заедници и религиозните групи имаат висок степен на взаемна соработка и црквите дејствуваат непречено во реализацијата на своите цели.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

„Постои плодна соработка со Католичката црква во Република Северна Македонија и нејзината конструктивна улога покрај другите религии е дополнителен вредносен фундамент на религиска коегзистенција“, нагласил Џафери.

Папата, од своја страна, порачал дека треба да има единство во напорите за да се обедини Европа.

По аудиенцијата кај Папата Франциск, Џафери оствари средба и со кардиналот Паролин и монсињор Галагер. На средбата, тој ги истакнал официјалната посета на кардиналот Паролин во 2016 година и првата посета воопшто на секретар за односи со државите на Римокатоличката црква во земјава, искажувајќи надеж дека по овие посети ќе следат идни посети на високо ниво во насока на динамизирање на билералната соработка со Светата Столица.

„Верувам дека билатералните дипломатски односи кои идната година се заокружуваат на 30 години, дополнително би добиле на интензитет и би се отвориле нови можности за соработка доколку во Скопје се отвори Нунцијатура на Светата Столица во Република Северна Македонија“, рече Џафери.

Во државно-црковната делегација предводена од Џафери се и пратениците Соња Мираковска од СДСМ, Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ, Арбер Адеми од ДУИ, генералниот секретар на Собранието – Цветанка Иванова, директорот на Комисијата за односи со верски заедници – Даријан Сотировски, директорката на Институтот за македонски јазик – Елена Јовановска Грујовска, митрополитот европски г. Пимен, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и отец Митко Газинковски од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и отец Зоран Стојанов од Католичката црква.

Извор: МИА

- Реклама -