Незадржлив на теренот, ама и ексцентричен и незапирлив во животот.
Додека играше за Парма, претепа возач на автобус по инцидент крај патот. За време на тренинг во Универсидад де Чиле, пукаше во воздух со пиштол. Додај тука и куп љубовни афери, малку порно и танчерки – и ќе го добиеш Фаустино Асприља.
Десет години по завршувањето на кариерата, Асприља продолжува да живее како што смета дека е најдобро. Во 2009-та, Колумбиецот беше уапсен и осуден на две години условно поради пукање на својот ранч.
„Луѓе, па јас едноставно сакам оружје“, рече пред новинарите кога го прашаа зошто толку пати е вмешан во инциденти со пиштоли.
Неодамна повторно мораше да влезе во судницата, поради неплаќање на алиментација на бившата сопруга. Денес учествува во риалити шоуа, се слика за списанија и редовно предизвикува скандали, што со постапките, што со зборовите.
Ај што е мета на критики (еднаш се појави во наслов од типот „Асприља има фантастичен дриблинг, но не е добар граѓанин и затоа не може да биде идол на нацијата“), ама е мета и на криминалното подземје во татковинската Колумбија. Пред извесно време мораше да избега од родниот град поради напад од локална банда. Гангстерите го ограбија неговиот дом до последна пара и го предупредија дека ќе треба да плаќа месечна претплата за да остане жив.
Тино се потприбра дури кога се решија проблемите со бандата, а се зафати со одгледување на расни коњи. Дури и тогаш, се појави во медиумите заради наградата од 1000 долари што ја нудеше на среќниот пронаоѓач на неговиот коњ, кој избегал од рачнот откако го одврзал еден од пијаните пријатели на фудбалерот.
Најновиот бизнис му е производство на кондоми со овошна арома. Се трошат како алва. А поранешната ѕвезда и понатаму одбива да порасне.