Девет загинати и 30 повредени во автобуска сообраќајна несреќа во турската провинција Мерсин

Девет лица загинаа, а 30 се повредени во сообраќајната несреќа што се случи во турската провинција Мерсин.

Како што се наведува до несреќата дошло кога меѓуградски патнички автобус, кој сообраќал кон југоисточната провинција Мардин од областа Мармарис на запад од Мугла, удрил во бариера на излезот од тунелот Саријар и се превртел.

Според порталот „Дејли Сабах“, несреќата се случила на излезот од тунелот Саријар во населбата Јеникаш на автопатот Д-400, каде автобусот удрил во бариера и се превртел.

На местото на настанот се испратени екипи за итни случаи, вклучително и здравствениот персонал, жандармеријата, Дирекцијата за вонредни состојби и  противпожарните бригади.

Повредените со возило на Итна помош биле пренесени во болница.

Гувернерот на Мерсин, Али Хамза Пехливан соопшти дека несреќата се случила на приближно 170 километри од центарот на градот, на автопатот Мерсин-Анталија, околу 01:15 часот.

„Трагична сообраќајна несреќа се случи како последица на превртување на патнички автобус со 40 патници и тројца членови на екипажот на пат кон Мерсин“, истакна гувернерот.

МИА

- Реклама -