Пишува: Елена Енева – психолог од Бугарија
Тој/таа има 3-4 години, но не се интересира за другите деца. Ги забележува само кога му ја земаат играчката. Игра сам, мрмори нешто под носот или гледа низ прозорецот. Речиси не зборува – изговара поединечни збoрови, но ретко поврзува реченица. Не го бара вниманието на возрасните и не ги слуша нешто особено многу. Сака игри поврзани со редење на соодветни делови.
Сето ова може да укажува дека нешто во развојот на детето не е во ред. Или да води до негово избегнување од страна на врсниците, или загриженост од страна на возрасните. Често тоа е повод за консултација со специјалист.
Како психолог се обидувам да го натерам детето да ги покаже своите предиспозиции, можности и знаење, за да утврдам во која насока има потреба да ги развива своите вештини. Обично во првата средба внимателно слушам и гледам како си игра, со тоа што не го мачам со прашања или барања.
И на мое изненадување, сé почесто во тивкото мрморење под носот, додека редат коцкки со соодветни форми и во разни бои, слушам едно исто. Детето изговара зборови. Но не на бугарски, туку често со совршен англиски изговор. Обично ги кажува боите или ги именува бројките, но не разбира кога му поставувам прашања на англиски. Што се случува?
Од последователниот разговор со родителите станува јасно дека семејството е целосно бугарско. Дури некогаш мама и тато и воопшто не зборуваат англиски. Како така имаат „двојазично“ дете? Речиси секогаш испливува истиот одговор: игра едукативни игри на таблетот или компјутерот и гледа Бејби ТВ, кога неговите родители се зафатени.
Можеби тука ќе си речете: „Што е толку страшно? Не е ли корисно децата да учат уште еден јазик, додека се мали?“
До пред една година и јас мислев така. Ги сметав компјутерските едукативни игри за корисен прилог во учењето на англискиот. Всушност, сé уште ги сметам за добро дополнување кон живиот контакт со наставникот, кој е најважен.
Но сé повеќе сум убедена дека кога игрите или телевизијата се оставени сами да го занимаваат детето, резултатите не се добри.
Уште од раѓање детето учи преку имитација, преку континуирана интеракција со другите луѓе. Ги повторува активностите на возрасните за да стане самостојно и да се чувствува безбедно и како дел од група луѓе кои го прифаќаат и сакаат.
Учи да зборува, за да може да ги задоволи потребите на групата во моментот – да добие храна, вода, помош, внимание, забава. Отпрвин групата се состои од мама и тато, но постојано се проширува и постепено ги вклучува браќата и сестрите, бабите, дедовците, пријателите, учителите и многу други луѓе.
Што се случува кога ќе го оставиме детето да ги задоволува потребите со компјутерот? Технологијата има неколку основни предности пред луѓето. Таа не се изморува, нема свои интереси, секогаш е на располагање, и секогаш „е расположена“. Филмовите и игрите секогаш располагаат со поголемо изобилство од реалноста – исполнети се со повеќе движење, боја, звук и силни емоции. Ова ги прави привлечни и интересни за децата. Потребата од забава е задоволена, но нивната способност да се справуваат со „Не“, „Не може сега“, „Чекај ме“ и сл. – останува неразвиена.
Може ли еден компјутер да го научи детето да комуницира со луѓе? Знаењето добиено од игрите е секогаш од ист тип – препознавање на бои, броеви и букви. Интеракцијата е врз принципот стимул – реакција – награда. Многу просто. Односите со луѓето се многу посложени и вклучуваат многу повеќе чекори, различни стратегии, потреба да разбереш што сака другиот, за да се дојде до успешна интеракција.
Ништо чудно што „англиските“ деца го привлекуваат вниманието кон себе токму на 3-4 годишна возраст, кога нивните другарчиња веќе почнуваат да градат односи со врсниците. Тогаш се гледа дека на „двојазичните“ деца им недостасуваат важни социјални вештини.
Додека ги набљудувам, заклучувам дека знаењето и вештините кои ги трупаме во животот можеме да ги поделиме општо на: прагматични – оние кои ни се потребни во моментот за да ги задоволиме потребите, што ни носат задоволство; и егзотични – оние кои некогаш некаде можат да ни бидат корисни.
За дете на 3-годишна возраст е многу прагматично да научи да оди во тоалет без пелена, да се храни и облекува само, да објаснува што сака или не сака, да комуницира со деца и возрасни. Наместо тоа, тоа го користи својот потенцијал за да учи зборови на англиски, со кои не постигнува речиси ништо за себе, освен дека родителите уживаат во тоа како напредува. А најважно, не го сака нивното внимание.
Има нешто многу убаво во егзотичните знаења. Тие му даваат карактер и неповторливост на човекот. Како зачин кој го прави јадењето уникатно. Има и нешто страшно во нив, кога го заземаат местото на прагматичните.
Замислете дека детето е само во другата соба. Што мислите дека е подобро за него – да може само да си сипе вода и да си стави храна во устата, или да препознава броеви до 100? Можеби изгледа претерано, но често овие деца не се способни да се хранат сами, или да се облекуваат сами, и немаат апсолутно никакво трпение кога ќе треба да почекаат или да се усогласат со другите. Или пак им недостасува волја за да се изборат и со најмалата дилема. Овие деца треба под итно да ги надоместат животните лекции пропуштени пред компјутерот.
Да, англискиот некогаш ќе им биде корисен. И ќе имаат капацитет да го научат, кога ќе имаат корист од тоа. Но сега имаат потреба од поедноставни, но и поосновни вештини. Сега кога имаат потреба од вниманието на возрасните, да се обидеме да им го дадеме. Колку и да сме оптоварени, уморни или не ни се игра.
Бидејќи децата можат да научат да бидат луѓе само од луѓето. Не од машините.