„Има повреди и скршеници на повеќе системи и органи, почнувајќи од главата, рамото, повреди на белите дробови, фрактури на ребрата и карлицата. Дише самостојно, со кислородна поддршка и засега нема индикации дека е потребен оперативен зафат“, вели д-р Јовчески
Детето што вчеравечер падна од прозорец на зграда во Кисела Вода е во стабилна состојба, но има повреди на повеќе органи, информира за ТВ Телма в.д. директорот на Клиниката за детска хирургија, д-р Лазо Јовчески, посочувајќи дека тоа е под постојана опсервација.
„Детето се наоѓа на интензивната нега на Клиниката за детската хирургија. Тоа е во стабилна општа состојба, но со стабилни витални параметри. Има повреди и скршеници на повеќе системи и органи, почнувајќи од главата, рамото, повреди на белите дробови, фрактури на ребрата и карлицата. Дише самостојно, со кислородна поддршка и засега нема индикации дека е потребен оперативен зафат“,
вели д-р Јовчески.
Посочи дека во моментот не може да каже дали пациентот е надвор од животна опасност, зашто се претпазливи и оти се работи за повреди на повеќе системи и органи.
„Постапуваме според наодите и виталните параметри што се следат“,
кажа директорот на клиниката.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска информираа дека шеесет и деветгодишна жена починала, а деветгодишно дете е повредено откако вчера паднале од зграда во скопската населба Кисела Вода.
Настанот, како што додаваат од МВР, се случил вчера во 19:40 часот. Жената починала на самото место, а малолетникот веднаш бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Засега нема детали за причините на несреќата.