„Кога ме напаѓат п(а)орталите на ВМРО-ДПМНЕ со невистинити написи што првично ги објавија нивните албански полтрони во опозиција, можам да заклучам дека јас како министер и целиот мој тим сме на вистинскиот пат во управувањето со институцијата“, порача вчера преку Фејсбук министерот за земјоделство Аријанит Хоџа, откако порталот на албански јазик „Шкип медиа“ објави дека министерот од редовите на БЕСА за само 6 месеци во сред пандемија (од септември, кога беше назначен на функцијата, до 28 февруари годинава) потрошил 22.794 евра за кафе и ручек во Министерството за земјоделство, односно во бифето „Концепт БАР“ – компанија за послужување кафе и храна што го доби тендерот од македонската влада.
Со оглед дека од наведениот период само помалку од 110 дена биле работни, „Шкип медиа“ пресмета дека министерството на Хоџа на ручеци трошело по 210 евра на ден.
Министерот, пак, како што и вети, денеска објави детален шестмесечен извештај за сите направени трошоци, според кој потрошената сума е околу 6.000 евра.
„Во текот на вчерашниот ден, од страна на неколку медиуми беше пласирана навредлива и пред сѐ неточна информација, во врска со трошоците кои наводно сум ги направил од почетокот на мојот мандат. Најостро ги демантирам ваквите невистини, кои се пласирани со цел да ми се наштети на угледот и да се обезвреднат постигнатите резултати од моето работење.
Како доказ дека изнесените информации за наводно потрошени 22 илјади евра од почетокот на мојот мандат, се груба, недолична и безобразно конструирана лага, до сите медиуми денеска е доставен остар демант кој во прилог содржи детален шест месечен извештај за сите трошоци направени. Дополнително, во прилог се доставени и наративни извештаи од реализираните активности.
Уште еднаш, најостро ги демантирам изнесените навреди и лаги.
Ваквиот срамен чин јас го разбирам само како СТРАВ од успехот кој заедно со мојот тим го постигнавме за многу кратко време. Очигледно дека тоа некому му пречи, па се обидува преку груби невистини да ми нанесе штета не само мене како министер, туку на целиот сектор земјоделство.
Јас ќе продолжам и понатаму да работам чесно и транспарентно“, напиша денеска Хоџа.
Во официјалниот демант од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, објавен денеска, се напоменува и дека наративните извештаи не ги содражат „безбројните состаноци со многу земјоделци, бизнисмени, партнери, колеги, секторски и подсекторски групи, работни групи, комисии итн“, чиј број, како што велат, е трикратно поголем од она што министерот секојдневно го објавува на официјалниот Фејсбук профил.
Со цел јавноста да добие кристално јасна слика за работењето на министерот Хоџа, од МЗШВ потенцираат дека ова министерство е едно од најкомплексните министерства, со 42 подрачни единици на целата територија на државата и вкупно 1.037 вработени. „Тоа само по себе доволно го опишува обемот на работа, кој и во услови на пандемија не беше прекинат ниту во еден момент и сите работни задачи се извршуваа тековно без застој и секогаш во интерес на земјоделците“, велат од кабинетот на Хоџа.
И од кабинетот на министерот причината за „навредите и лагите“ ги лоцираат во успешноста на неговото работење, па попат поделија и неколку животни лекции:
„Ваквиот срамен чин ние го разбираме само како страв од успехот кој министерот Хоџа го постигна за многу кратко време. Земјоделците одлично го прифатија, тој за кратко време ја стекна нивната доверба, постојано нагласувајќи дека процесот на унапредување на земјоделството ќе биде воден партнерски, заедно со нив.
Оние кои се плашат и му завидуваат на туѓиот успех, никогаш нема да ја достигнат радоста, бидејќи разликата помеѓу нас и нив е суштинска. Успешните луѓе се фокусирани на развој, идеи и планови. Неуспешните пак, секогаш се фокусирани на другите. Тие љубоморно гледат на туѓиот успех, а всушност сваќаат дека пред очи им се случува пораз. Ние ќе продолжиме и понатаму да работиме чесно и транспарентно“, стои во реакцијата.
Како што велат од МЗШВ, ќе се бара одговорност од сите кои шират лаги и навреди и нанесуваат штета на честа и угледот на министерот Хоџа, согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.