„Наводново размислување на опозицијата за импичмент на претседателот е најголем доказ за нивната безидејност и деструктивно политиканство“, коментира на Фејсбук екс-министерката за правда – Рената Дескоска, по најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека ги разгледуваат сите опции.
„За што би покренале импичмент?“, прашува Дескоска. „За одлуките за прогласување на вонредна состојба? Па сите тие одлуки поминаа пред Уставниот суд кој одлучи дека не се неуставни. А претседателот може да одговара единствено за кршење на уставот и законите. Уставниот суд веќе кажа дека нема неуставност во одлуките за прогласување на вонредна состојба. Што ќе докажува опозицијата сега? Дека има кршење на закон за вонредна состојба, кој не постои?!“.
За Дескоска, тоа е апсурд, па според неа, „дебатата“ за импичмент повеќе наликува на „нишање на бродот за нешто да се случува“.
„Доста е деструкција! Доста е празно политиканство! Граѓаните очекуваат напредок на реформската агенда. А списокот со задачи на таа агенда е долг“, порача Дескоска.