Дескоска одговара: Што ако нема цензус?

Доколку во вториот круг на претседателските избори не се исполни цензусот од минимум 40% излезност, во игра се две опции, вели министерката за правда Рената Дескоска. Едната е да се укине потребата за цензус во вториот круг на изборите. Другата е да се избира претседател на државата во Собранието.

Што се однесува до првата опција, отстранувањето на цензусот во вториот круг е и препорака од Венецијанската комисија, која се провлекува уште од претходните избори:

„Странските експерти веќе забележале дека има нешто што е нетипично во другите земји, а што некогаш може да претставува опасност за успешно спроведување на претседателски избори“, објаснува Дескоска, додавајќи дека Венецијанската комисија го оценува цензусот како несоодветен, но и дека и ОБСЕ и ОДИХР препорачуваат олеснување на изборот на претседател.

Со отстранување на потребниот цензус во вториот круг, победува кандидатот кој едноставно собрал повеќе гласови, без оглед на излезноста – слично како што е правилото и при првиот круг: за да биде избран претседател во прв круг потребно е да добие 50%+1 од вкупниот број на граѓани со право на глас (т.е. 904.066 гласови од вкупно 1.808.131 гласачи), а ако тоа не се случи, во втор круг одат двајцата кандидати со најголем број гласови во првиот круг.

Со таквата измена, објаснува Дескоска, победува тој со повеќе гласови и веќе не постои опција да се минираат избори преку бојкот. Засега, меѓутоа, Уставот за вториот круг предвидува потребен цензус од 40%, т.е. излезност од 723.253 од вкупниот број гласачи. Доколку тоа не се случи, целата изборна постапка се повторува од почеток.

Втората опција – да се избира претседател во Собранието, е исто така можна опција која постои во компаративното право, вели Дескоска. За соодветните измени во Уставот ќе биде потребно двотретинско мнозинство.

 

- Реклама -