Дескоска: Ниту Уставот ниту Преспанскиот договор не забрануваат граѓаните и приватните ентитети да го користат „Македонија“

Ниту Уставот ниту Преспанскиот договор не забрануваат приватни ентитети кои не се финансираат од државата за нивни активности во странство, да го користат „Македонија“ во своето име, вели поранешната министерка за правда Рената Дескоска во изјава за „Слободен Печат“, откако „МКД.мк“ објави дека Министерството за правда одбило барање за регистрација на граѓанско здружение токму врз оваа основа.

 

Како што истакнува Дескоска, и таа самата, додека била министер за правда, одобрила десетици, односно ги одобрила сите барања за користење на „Македонија“, „Македонци“, „македонски“ во имињата на институции што не се финансирани од буџетот. Како еден од позвучните примери таа го посочува примерот со „А1 Македонија“ (ребрендиран „ВИП“).

Дескоска потенцира дека терминот „Македонија“ и изведените придавки не се забранети ниту во јавните изјави на граѓаните. Тие се обврска единствено при официјална комуникација, додава поранешната министерка за „Слободен печат“.

Во решението на Министерството за правда за одбивање на барањето на споменатото здружение, потпишано од министерот Бојан Маричиќ, а кое го објави „МКД.мк“, стои дека:

Термините ‘Македонија’, ‘Република Македонија’, ‘ПЈР Македонија’, кратенката ‘ПЈРМ’, во преведена или непреведена форма, не смеат да се употребуваат во целокупната внатрешна и надворешна официјална комуникација од сите“.

Пред еден месец, пак, при првата посета на Бујар Османи на Грција во улога на министер за надворешни работи, неговиот грчки колега Никос Дендиас побара новото име да го користат сите, вклучително и приватните субјекти и интернет порталите.

- Реклама -