Ако прашате некого која е најстарата професија во светот, речиси сигурно одговорот ќе биде „проституција“. Но, тоа не е точно. Праисториските мажи без никакво чувство на одговорност или страв ги напаѓале жените кога имале нагон, што значи дека изјавата „Проституцијата е најстарата професија“ автоматски е грешна.
Проституцијата се јавила како професија многу подоцна, откако сексуалните односи станале регулирани и мажите не можеле да прават сè што ќе посакаат. Потребна е повнимателна анализа за да се пронајдат оние професии кои опстојале со векови, па дури и милениуми. Раните професии не биле последица на избор, туку на потреба. Најчесто, професиите кои ги избирале индивидуалците биле оние кои му биле потребни за опстанокот на целото племе. Луксузот наречен избор на професија се појавил многу подоцна.
Доктор
Токму така, оваа професија постои уште од кога првиот човек случајно открил дека одредени треви и растенија помагаат при лечењето на рани и болести. Постојат докази дека уште во праисторијата биле правени „хируршки“ потфати за намалувањето на притисокот врз мозокот.
Доказ за овие потфати се черепи на кои се забележуваат внимателно избушени дупки и засекотини. Раните доктори помагале при пораѓање, им помагале на ранетите воини и ловци и создавале напивки за лекување на разни болки и болести.
Свештеник
Ова е дефинитивно една од најстарите професии која сè уште опстојува. Бидејќи знаеме, од големиот број артефакти како разни статуетки на Мајката Земја, кои потекнуваат од праисторијата, пронајдени низ цела Европа, дека луѓето уште од почетокот на времето верувале во нешто, без разлика дали тоа било Мајката Земја или подоцнежните политеистички и монотеистички религии.
Шаманите од раните племиња внимавале на духовното здравје на нивниот клан, најчесто користејќи неконвенционални, според денешните стандарди, методи како предизвикување трансови и халуцинации. Нивната потрага по знаење за задгробниот живот и мистиката ги натерало останатите од племето да им се плашат и да ги почитуваат. Сепак, бидејќи нивната примарна функција била врска помеѓу смртниот свет и натприродното и духовното, тие легитимно можат да бидат наречени свештеници.
Произведувач на накит
Знаеме, од античките артефакти кои ги среќаваме во целиот свет, дека дури и кога преживувањето ни била примарна грижа, сме сакале да се украсуваме. Без разлика дали се работи за камените талисмани на праисторискиот човек или модерните украси од злато и скапоцени камења, производството на накит било дел од нашиот живот уште од почетокот на времето. Отсекогаш сме ги посакувале прекрасните креации на оваа професија, и дури и денес, малку луѓе можат да поминат крај златара без да застанат и да им се восхитат на сјајните, скапи украси кои светкаат во излогот.
Бидејќи сме биле вљубени во овие убави, но во основа бескорисни предмети, морало да постојат и луѓе кои ги создаваат истите. Овие занаетчии ја користеле својата умешност за да создадат нешто необично. Со текот на времето тие успеале да го усовршат нивниот занает, да откријат нови материјали, а со настапот на механизацијата настанала и нова подкатегорија – часовничар, но во основа нивната цел останува иста: создавање на прекрасни украси кои ќе го симболизираат статусот.
Трговец со оружје
Тажна е помислата дека додека сме еволуирале, голем дел од времето сме го посветиле на меѓусебното уништување. Од најраните денови, кога оружјата биле само наострени камења прицврстени на парчиња дрво, постоеле луѓе кои поседувале талент за создавање алати за убивање. Нормално, пред неколку милениуми, кога сме почнале да произведуваме оружја, тие не биле користени само за убивање луѓе, туку и животни од кои целото племе би се хранело.
Подоцна, откакот сме ги припитомиле ѕверовите и сме станале фармери, примарната употреба на оружјата била против други луѓе. Можеби ова е тивок коментар на човековата природа, но трговците на оружје се дефинитивно една од најстарите професии.
Уметници
Набрзо по појавата на една од најдеструктивните професии се појавила и една од најкреативните. Откако сме се исправиле и сме почнале да го запознаваме светот околу нас и нашата улога, сме почнале да ја документираме нашата интеракција со сè околу нас. На почетокот, поради отсуството на пишан јазик, сликите станале единствен начин за пренесување на спомени од генерација на генерација.
Стари пештери, исполнети со рана уметност можат да се најдат секаде во светот. Тие се тивок доказ кој ни го прикажува светот на нашите претци, и оваа професија сè уште опстојува. Музеите се преполни со предмети стари стотици, па дури и илјадници години; секој од нив ни покажува некој аспект од животот на нашите претци. Оттогаш уметноста опстојала како визуелна претстава на светот околу нас, и како што светот станал пософистициран и покомплициран еволуирале и делата на уметниците. Едно е сигурно, уметноста ќе опстои се додека постојат луѓе.
Кројачи
Кога луѓето развиле самосвест, сфатиле дека кожите на уловените животни можат да се искористат за покривање на телата. На почетокот ова било правено само за да се преживее студот. Но, подоцна сме почнале да разбираме дека облеката може да биде убава, и да го отсликува статусот.
Луѓето почнале сами да си ја прават облеката, обидувајќи се во неа да го претстават сопствениот карактер, со што облеката станала уникатен одраз на стилот на секој индивидуалец. Нормално, некои луѓе биле поумешни во сечење, шиење и украсување на облеката, и може да се претпостави дека тие биле првите кројачи кои создавале облека за церемонијални намени, и ја давале на други во замена за друга роба и услуги.
Архитекти и градители
Кога првпат сме се симнале од дрвјата и сме почнале да одиме исправени, брзо ни станало јасно дека ни треба заштита од временските услови. Првите засолништа несомнено биле пештери. Но, поради порастот на населението, пештерите повеќе не биле доволни. Тогаш првпат се родила професијата архитект и градител. Иако целото племе учествувало во изградбата на засолништата, сепак постоеле индивидуалци кои биле поумешни од останатите.
Се разбира, кога на племето му било потребно ново, поголемо засолниште тие се обраќале кон овие индивидуалци кои покажале умешност во решавање на проблемите на градбите. Низ вековите, архитекти, градители и инженери имаат постигнато голем број неверојатни подвизи, од првите градови и пирамидите па се до денешните облакодери.
Сметководители и банкари
Знаеме дека парите, во нивната модерна форма, се појавиле многу подоцна, но додека нашите најрани претци ловеле и собирале, некој морал да биде одговорен за поседите на племето, особено за складираната храна. А бидејќи храната и другите поседи на племето биле примарната валута за тргување, овие рани „банкари“ внимавале на богатството на племето.
Знаеме дека подоцна се појавиле и луѓе кои позајмувале пари, па банкарството, или барем системот на кредитеи се развил многу рано.
Писатели
Пишаните јазици настанале дури откако луѓето почнале да живеат во организирани општества. Но и во тоа време била потребна некаква занимација за долгите ноќи поминати околу огнот. Така настанале првите раскажувачи. Тие создавале фантастични приказни за мистични ѕверови, херои и го забавувале племето со нивниот талент за користење на јазикот. Раните приказни се пренесувале усно од колено на колен, но, веднаш штом се појавило писмото, приказните биле запишувани за идните генерации, прво на камен, а потоа на пергаменти.
Тешко е да се поверува дека ние денес би знаеле толку многу за нашите претци ако писателите во антиката не чувствувале потреба да ги запишат своите приказни. И иако тие пишувале случки од секојдневието, тие се сепак првите писатели.
Музичари
Уште една форма на уметност која опстојала од праисторијата е музиката. Штом сме почнале да ја истражуваме нашата околина, некој подигнал две стапчиња и почнал да тропа во одреден ритам, така настанал првиот инструмент. Откако сфатиле дека можат да создаваат ритмичка музика, тие почнале да експериментираат, правејќи тапани, тропала и други инструменти, а набрзо потоа најаверојатно настанал и првиот бенд.
Оттогаш, сме научиле како да создаваме дувачки инструменти, како да ги искористиме вибрациите на затегнати жици. Музиката има моќ, дури и без зборови да ги разбуди вашите емоции, да предизвика тага или среќа. Музиката му се обраќа на оној наш примален дел кој останал непроменет уште од почетокот на времето.