На 11 мај 1997 година, шаховскиот суперкомпјутер на IBM – Deep Blue, ја доби последната партија од реваншот против Гари Каспаров, и со тоа стана првиот компјутер кој победи светски шампион во шах во директна средба.
Тоа не беше прв пат рускиот шахист да се соочи со компјутер. Во 1989 година, Каспаров лесно го победи Deep Thought, со две победи во натпревар од две партии.
Гари Каспаров никогаш претходно не се плашеше од компјутерите. Кога прв пат се согласи да игра против Deep Blue – компјутер специјално дизајниран за да го порази шампионот, тој беше толку сигурен во себе што одби понуда наградата од 500.000 долари да биде поделена 60%-40% помеѓу победникот и губитникот. Каспаров сакаше сé или ништо.
Ама победата не дојде така лесно. Во февруари 1996 година, Каспаров ја губи првата партија шах против Deep Blue. Тоа беше потресно искуство за Каспаров, а тоа го потврди и неговиот тренер за TIME. Беше потресно искуство и за милионската светска публика која за прв пат посведочи ситуација во која машината станува подобра во шах од самото човештво.
Подоцна, во есеј за TIME, Каспаров објасни дека Deep Blue го збунил со тоа што направил потег што немал непосредна материјална корист – буткајќи пиун во позиција каде што можел да биде лесно заробен.
„Тоа беше прекрасен и екстремно човечен потег“, истакна Каспаров, а потоа и дека токму тоа било причината што бил „исфрлен од колосек“. „Играв со многу компјутери, но никогаш немав искусено нешто слично на ова. Можев да почувствувам – можев да намирисам – нов вид на интелигенција отспротива на масата“.
Подоцна, откри и зошто: брзината на калкулација на Deep Blue беше толку напредна што, за разлика од претходните компјутери со кои играше Каспаров, овој можеше да ја искалкулира предноста од губењето на пиун дури и ако се оствари многу потези подоцна.
Сепак, тоа што Каспаров знаеше дека Deep Blue е во основа „калкулатор“, му даде доволна предност за да се поврати во мечот и во наредните 5 партии од средбата да постигне 3 победи и 2 ремија, добивајќи го дуелот со вкупен резултат од 4:2 (реми носи пола поен).
„На крајот, тоа (што Deep Blue само калкулира) се покажа и како моја најголема предност: Можев да му ги предвидам приоритетите и да ја прилагодам играта. Машината не можеше истото да го направи со мене. Така, иако видов знаци на интелигенција, беше тоа чуден вид, неефикасен, нефлексибилен вид што ми даваше надеж да мислам дека имам уште неколку години“.
Ама немаше, како што се испостави. Веќе следната година, во мај 1997 година, Каспаров доживеа голем пораз (во само 19 потези!) на реваншот од шест партии против новиот и подобрен Deep Blue, со вкупен резултат од 2.5 : 3.5. Битката беше неизвесна сé до петтата партија, но компјутерот ја доби решавачката шеста. Тоа е воедно и првиот пат кога компјутер успева да победи светски шампион во шах во шаховски меч. Овој познат дуел е тема и на документарниот филм „Играта заврши: Каспаров и Машината“ (Game Over: Kasparov and the Machine).
Повторно, психолошката цена на дуелот против бескрупулозен противник се покажа како клучна. Каспаров беше видно вознемирен, воздивнуваше и го триеше лицето, за на крај нагло да стане и да замине од масата, предавајќи го мечот.
Подоцна, тој рече дека неколку фактори биле против него во оваа средба. Меѓу другото, и тоа што му бил забранет пристап, а со тоа и анализа на претходните партии на Deep Blue, додека во исто време компјутерскиот тим располагаше со стотици мечеви на Каспаров достапни за разгледување.
Сепак, како главна причина наведе дека бил повторно збунет од еден потег на компјутерот – потег што бил толку изненадувачки и толку нетипичен за машина, што Каспаров беше сигурен и го обвини тимот на IBM дека мами. Каспаров сметаше дека во тие моменти потезите ги влечел човек, макар што тоа е во најголема спротивност со правилата на средбата.
Тимот на IBM негираше такво нешто и рече дека единствената човечка интервенција во машината се случила помеѓу одделните партии (правилата на мечот им овозможуваат на програмерите да ја менуваат компјутерската програма меѓу партиите, и со тоа да ја подобрат играта на компјутерот). Каспаров побара копии од лог-датотеките на компјутерот, но IBM го одби неговот барање, иако подоцна тие беа објавени на интернет. Каспаров сакаше и реванш, но IBM го одби и по тоа прашање, по што ја прекина работата на Deep Blue.
Целата партија во 5 минути:
Deep Blue победи заради грешка?
Во меѓувреме, се појавија силни аргументи што сугерираат дека решавачката победа и „чудниот потег“ на Deep Blue се должат на програмска грешка т.е. „глич“ (или „баг“). Според Wired: соочен со премногу опции и без јасна преференца, компјутерот одиграл рандом потег… Очигледно, со големи последици. Можеби истово може да објасни и зошто IBM одби реванш?
Зошто и како, можеби и не е важно. Веројатно поважно е како му е на Каспаров. Тешко е да се предвиди што му паѓа потешко, дали тоа што историјата ќе го памети како првиот што изгубил од компјутер, или затоа што никогаш не доби шанса да си го обели образот.