Фудбалската федерација на Македонија ги поканува сите заинтересирани на отворен тренинг на македонската репрезентација, кој ќе се одржи денеска во 16 часот, пред утрешното заминување за Данска.
„Тренинг центарот „Петар Милошевски“ е достапен за сите. Доаѓајте да ги поддржиме нашите репрезентативци и да им дадеме храброст пред патувањето кон Копенхаген за натпреварот против Данска. Се гледаме!“, најавија од ФФМ.
Македонската репрезентација вчера ги започна подготовките за претстојниот плеј-оф натпревар против Данска, кој е клучен за пласман на Светското првенство. Под водство на новиот селектор Гоце Седлоски, националниот тим изведе тренинг во тренинг центарот „Петар Милошевски“.
Селекторот на националниот тим на располагање има 28 играчи, меѓу кои тријца дебитанти: дефанзивецот на Борац Бања Лука, Себастијан Ерера, стоперот на тетовска Шкендија, Имран Фетаи и напаѓачот на Сиетл, Дени Мусовски. Во составот се и фудбалери кои по извесен период повторно се дел од најдобрите, како Бобан Николов од Вардар, Љупче Дориев, кој настапува во Узбекистан, и Егзон Бејтулаи од Дрита.
Натпреварот против Данска е закажан за 26 март во Копенхаген, со почеток во 20 часот и 45 минути. Вториот натпревар, во кој противник ќе биде Чешка или Република Ирска, е планиран за 31 март.




