Денеска роденден прославува еден од најпознатите хроничари на македонската уметничка сцена – Владимир Величковски.

На денешен ден, 7 мај 1949 година, во Скопје е роден Владимир Величковски – познат македонски сликар, историчар на уметноста, универзитетски професор и еден од најзначајните ликовни критичари во нашата земја. Неговото име има особено значење за развојот и разбирањето на современата македонска уметност, особено во 1980-тите години, кога активно истражуваше новите трендови во ликовната сцена.

Величковски своето високо образование го стекнал на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што дипломирал во 1974 година, а подоцна и докторирал во 1997 година. Магистерските студии ги завршил на Филозофскиот факултет во Белград во 1985 година. Во периодот од 1976 до 1977 година, престојувал во Париз и таму дополнително го проширува својот уметнички и теоретски опсег. Како професор на Филозофскиот факултет во Скопје, предавал предметот „Современа светска и македонска уметност“, оставувајќи значаен печат на генерации студенти.

Тој е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и на Меѓународното здружение на ликовни критичари. Неговата работа е белег на постојана посветеност на развојот на ликовната мисла и критика.

Прочитајте и:  Повик за пријавување во Програмата за млади стручњаци на НАТО

Како автор, Величковски постојано укажува на маргинализацијата на ликовната критика во Македонија, сметајќи дека нејзиното занемарување директно влијае на развојот на националната култура. Неговите текстови претставуваат значајни сведоштва за уметничките движења, изложби и појави, со што се наметнува како еден од најпосветените хроничари на македонскиот ликовен живот.

Издавачката куќа „Македонска реч“ ја објави неговата книга „Уметнички критики и есеи“, која претставува петти том од истоимената едиција. Во неа се собрани текстови кои Величковски ги пишувал од 1973 година наваму, период кога интензивно работел на ликовната критика. Досега, тој има објавено повеќе од 80 монографии и книги во областа на ликовните уметности, со посебен акцент на современата уметност.

Покрај својата критичарска и научна активност, тој е исто така активен како сликар, со бројни самостојни и групни изложби. Од 1973 година, започнува континуирано да изложува, создавајќи паралелна и успешна уметничка кариера.

Редакцијата на „Екран“ му посакува добро здравје и многу години плодовита работа, во чија продолжение ќе ја документира, анализира и обогатува македонската уметничка сцена.