Согласно денес објавените податоци за состојбата со коронавирусот во земјава во последните 24 часа, во болниците низ земјава, во моментов, на болничка нега се наоѓаат вкупно 427 пациенти од Ковид-19.
Според евиденцијата која ја водиме уште од почетокот на таканаречениот „втор бран“ и порастот на пациенти во болниците, а е базирана на дневните податоци за хоспитализирани што ги соопштува Министерството за здравство, оваа денешна бројка е рекордна во досегашното соочување на земјава со коронавирусот.
Како што можете да видите од нашата табела во продолжение, претходниот ваков рекорд беше поставен на 26 јуни, кога бројката на хоспитализирани за првпат надмина 400 и веднаш се искачи на 425. Од тогаш, имаше само уште четири денови кога бројката на пациенти во болниците надминуваше 420, и тоа во неделата од 3 јули до 9 јули. Претходниве три недели, меѓутоа, само еднаш падна под 400 (на 28 јуни).
Како што може да се види во деталната табела (на крајот од текстот), во последниве три недели се намалува бројот на пациенти во скопските клиники, но на сметка на бројот на пациенти во инфективните одделенија ширум државата.
Што се однесува до последните 24 часа, според Министерството за здравство на Инфективната клиника примени се 3 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 85 пациенти. На кислородна поддршка се 42 пациенти, нема пациенти на респираторна машина.
Во болницата во Козле се хоспитализирани 20 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19 и 8 деца позитивни на вирусот.
Во болницата „8 Септември“ примени се 7 нови, вкупно хоспитализирани се 94 пациенти. На респираторна машина се 6 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 31, а во болницата во Штип се хоспитализирани 56 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 133 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.