Денеска е Меѓународен ден против насилството врз жените

25 ноември е Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените.

За прв пат овој ден е одбележан во 1999 година со резолуција на Обединетите Нации. Според статистичките податоци, секоја втора жена во светот е жртва на насилство од страна на својот партнер, а секоја петта е подложна на закана од сексуално насилство. Жените во светот се предмет на насилство, а големината и вистинскиот карактер на овој проблем често остануваат скриени.
Неодамна американските научници открија дека жените кои се изложени на физичко или психичко малтретирање од страна на својот сопруг или партнер, почесто страдаат од здравствени проблеми. Резултатите од истражувањето на експертите од американскиот универзитет во Охајо се објавени во научното издание Archives of Internal Medicine. До сега, голем дел од здравствените проблеми, регистрирани кај жените жртви на насилство не се асоцираат директно со насилството. Такви се болките во градите, во пределот на стомакот, главоболка, гастроезафагиален рефлукс, инфекции на уринарниот тракт и менструални нарушувања. Резултатите се базирани на анкета спроведена меѓу 3568 жени. Доброволките биле подложени на лекарски преглед и одговарале на прашања поврзани со нанесено физичко и психичко насилство. Експертите утврдиле дека домашното насилство нанесува трајни оштетувања врз здравствената, психичката и емоционалната состојба на жените. Според авторите на студијата, голем дел од емоционално лабилните жени и оние во депресија се жртви на малтретирање од страна на партнерот.

Прочитајте и:  „Што носеше кога сама си го бараше?“

Освен врз жените, домашното насилство се одразува и врз децата, дури и кога тие не се директно засегнати. Скандалите меѓу родителите, избувнувањето на агресија и насилство се рефлектираат врз емоционалниот и психичкиот развој на децата, оставајќи трајни негативни отпечатоци.

Научниците откриле дека голем процент од децата жртви или сведоци на семејно насилство, се стекнуваат со т.н. „Растројство со манифестации на агресивно однесување” во зрелоста. Тие несвесно го копираат моделот на однесување на своите родители. Растројството со манифестации на агресивно однесување се карактеризира со губење на самоконтрола и склоност да манифестираат непотребно насилство кон луѓето околу нив, нанесувајќи не само материјални, туку и тешки телесни и психички штети .

 

- Реклама -