Денес и утре детални анализи во секоја општина и град, викендов ќе се знае дали и какви рестриктивни мерки ќе се воведат

Денешната бројка на новозаразени е навистина висока во однос на претходните денови и токму затоа денеска и утре ќе се прави детална анализа на епидемиолошките прашалници во секоја посебна општина и град и ќе се прави детален увид во начинот на трансмисија на вирусот, изјави министерот за здравство Венко Филипче во вестите на „Сител“, по завршувањето на итната средба со членовите на Комисијата за заразни болести.

Токму врз основа на овие сознанија што ќе произлезат од анализите ќе се утврдува дали воопшто се потребни и ако се – тогаш какви рестриктивни мерки треба да се воведат, рече Филипче.

„Јас на почетокот на минатиот месец најавив дека очекуваме есенски бран, очекуваме зголемување на бројот на случаите, најавив и дел од мерките, меѓутоа после оваа анализа на овие бројки во текот на викендот ќе знаеме точно дали и какви мерки во која општина ќе треба да препорачаме“, додаде министерот и испрати апел сите граѓаните уште подоследно да ги почитуваат превентивните мерки „сега кога влегуваме во периодот во кој ќе се зголемува бројот на заразени“.

Прочитајте и:  Филипче: Ќе понудиме современа политичка платформа со силен фокус на економијата и платите

Согласно податоците од епидемиолошките прашалници, односно податоците за начинот на ширење на вирусот, Филипче не исклучи мерки како скратување на работното време на угостителските објекти и намалување на бројот на маси/гости:

„Има уште неколку мерки кои што ги најавивме. Сакаме мерките да се точно димензионирани и да ги препорачаме според податоците што ќе ги добиеме. Така да и денеска и утре во текот на денот ќе работиме, па ќе излеземе со соодветна препорака“, рече Филипче.

Филипче не ја исклучи ниту можноста за затворање на училиштата и градинките при понатамошно зголемување на бројот на случаи, исто како што не ја исклучи можноста за зголемување на бројот на паралелки со физичко присуство доколку ситуацијата до ноември е стабилна.

- Реклама -