Денес Марко во нов поход на Охридско, за лицата со ретки болести: „Кога ќе видит Богородица како пливам, ќе го смирит езерото…“

Денеска, во 15 часот, од Градското пристаниште во Охрид, 13-годишниот охриѓанец Марко Пејчиновски ќе го започне својот ултра маратон за поддршка на лицата со ретки болести. Марко, ако сè се одвива според планот, ќе преплива 64 километри во водите на Охридско, и тоа од Охрид до Свети Наум, па до Струга и назад до Охрид. Кругот предвидено е да го комплетира утревечер, на истото место од каде што ќе тргне.

Дека е чудо од дете Пејчиновски покажа лани, кога за околу 9 часа преплива од Свети Наум до Охрид и со тоа стана најмладиот пливач што ја препливал таа делница. Успехот и инспирацијата што ја носи се дотолку поголеми што и Марко е дете со хендикеп (барем на хартија, очигледно) – односно доживеал инфаркт на коска, некаде во 2016-та, поради што се откажал од фудбалот, но од друга страна, се посветил токму на пливањето.

Лани Марко не го исплашија ниту временските услови, иако сите околу него беа и те како загрижени и се тешеа дека „к’нето“ ќе се откаже. Како тоа изгледало, доловува ланската статија на „Република“ за Марко, која денеска порталот ја реобјави во знак на поддршка за денешниот подвиг:

„ …Какви бранови имаше дента, а ова к’нево (покажувајќи кон Марко) рече одам. Стоевме сите, се мислевме дали треба да плива. Дуваше силен ветар, Бевме во тренерки. Притисокот што му го вршевме дека временските услови не се добри не влијаеше кај него. Докторот го праша ќе пливаш – тој без размислување „ќе пливам“. Се вџашивме. Особено неговата мајка. Ѝ велевме, не се секирај, ќе се откаже. Го носевме во глава цело време… Марко од дома го имаше победено првиот предизвик. На мајка му ѝ кажал „ќе се тресит езероно јас кога ќе влезам и јас ќе го смирам“. Познавајќи го колку е брлив во позитивна смисла, знаев дека за него нема водена бариера“, раскажа лани неговиот пријател.

Не помогнале ни молбите од неговата мајка рано утрото, Марко да се откаже поради лошите временски прилики. Марко ѝ одговорил: „Кога ќе видит Богородица како пливам, ќе го смирит езерото… Ќе видит езерото што ќе го снајдит“.

После подвигот од лани, нешто ни вели дека и овојпат Богородица ќе се вртка околу Охридско, за да му го измазни патот. Или што би рекол Марко, тешко на езероно. PS. Целата ланска статија и разговорот на „Република“ со Марко прочитајте ги ТУКА. Чисто за уште поубаво да се потсетите со кого си има работа езерото.

- Реклама -