Денес ќе се договара датумот за предвремените парламентарни избори

Лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната лидерска средба во претседателската вила Водно, треба да го договорат датумот за одржување на предвремените парламентарни избори. Со тоа ќе биде договорено и кога премиерот Заев ќе поднесе оставка и ќе биде формирана нова техничка влада според одредбите од Пржинскиот договор.

Откако Европскиот совет во петокот не ѝ додели датум на Македонија за почеток на преговори со ЕУ, премиерот Зоран Заев и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски предложија брзи предвремени избори, на кои ќе им претходи техничка влада 100 дена пред нивното одржување.

За Заев потребни се брзи предвремени избори, за да се слушне гласот на граѓаните по кој пат да оди земјава, ‘по вистинскиот пат на демократски и европски вредности, патот на развој и просперитет што води напред или по мрачниот пат на изолација, национализам, поделби и конфликти што води назад‘. За лидерот на опозицијата Мицкоски после самитот во Брисел нема друго решение освен избори бидејќи токму ‘лошото и криминално владеење на СДСМ е причината поради која Македонија остана без датум за почеток и преговорите со ЕУ‘.

Конкретен датум кога би се одржале изборите Заев и Мицкоски не соопштија, велејќи дека тоа ќе биде договорено на лидерската средба. Според извори од СДСМ, владејачката партија ќе настапи со предлог изборите да бидат на пролет односно во март или април. Во декември не е можно да се одржат доколку се оди на формирање на техничка влада 100 дена пред нивното одржување. Исто така владејачката партија ќе сака да заврши ратификувањето на Протоколот за членство на земјава во НАТО од сите земји членки. Тоа вчера го најави и Заев на прес-конференцијата во Владата одговарајќи на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК кој ќе биде неговиот предлог за датумот за предвремени избори на лидерската средба.

„Секако имаме свои очекувања. Свесни сме дека доаѓа зима, НАТО е во декември и тие ќе бидат водилките на кои ќе дискутираме. Но, секако важно е што ќе каже и опозицијата и другите партии кои ќе учествуваат на лидерската средба. Опциите се отворени, верувам дека ќе се договориме“, рече Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека ќе го прифати предлогот на премиерот Заев за брзи предвремени избори, но и тој не кажа датум за нивно одржување.

„Кога тие би се одржале не зависи од мене, но ставот на мојата партија е јасен, избори веднаш со почитување на законите за формирање на техничка влада“, рече Мицкоски.

Техничката влада откако ќе бидат договорени предвремените парламентарни избори ќе се формира 100 дена пред нивното одржување. Тогаш премиерот Зоран Заев треба да поднесе оставка и да се избере нов технички премиер и нова техничка влада. Техничкиот премиер ќе биде по предлог на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ ќе добие министри за внатрешни работи и труд и социјална политика, односно од овие места ќе заминат Оливер Спасовски и Мила Царовска. Опозициската партија ќе добие и заменици-министри за финансии, земјоделие и за информатичко општество и администрација.

„Јас сум тој кој што барал пржинска влада и таа е впишана во законот. Согласно договорите кои ќе ги постигнеме односно штом се договориме за датумот на одржување на изборите, така таа ќе се имплементира“, рече Заев на вчерашната прес-конференција во Владата.

- Реклама -