Денес го одбележуваме Денот на планетата Земја – време е за дејствување, а не за одлагање!

На 22 април секоја година, во цел свет се одбележува Денот на планетата Земја — ден посветен на заштитата на животната средина и зголемувањето на свеста за значењето на зачувувањето на нашиот единствен дом. Овој датум нè потсетува дека грижата за природата не е само избор, туку одговорност на секого од нас и на целото човештво.

Историјата на овој значаен ден започнува во 1970 година во САД, кога се организираа едни од најмасовните еколошки демонстрации во историјата. Милиони луѓе излегле на улиците барајќи поголема заштита на природата, чист воздух и вода, како и одговорност од институциите за еколошките предизвици. Овој настан се смета за почеток на современото еколошко движење.

Две децении подоцна, во 1992 година, на Конференцијата на Обединетите нации за животна средина, одржана во Рио де Жанеиро, 22 април официјално бил прифатен како меѓународен Ден на планетата Земја, со што неговото значење добило глобален аспект.

Денес, овој ден се одбележува со бројни активности — од еколошки акции, садење дрвја и чистење на јавни површини, до едукативни настани, работилници и кампањи насочени кон зголемување на свеста за климатските промени, загадувањето и одржливиот развој.

Во времето кога светот се соочува со сериозни еколошки предизвици, како што се климатските промени, губењето на биолошката разноликост и загадувањето, пораката на Денот на планетата Земја е поважно од кога било. Тој нè потсетува дека мали чекори, како рециклирање, штедење енергија и грижа за природата, можат да направат значителна разлика.

Земјата е единствениот дом што го имаме — а нејзината иднина зависи од сите нас.