Дендиас за меморандумите со Македонија: „Секоја грчка влада оценува кои преговарачки карти треба да ги држи во свои раце“

Секоја грчка Влада оценува што е во нејзин интерес, што е национален интерес и кои преговарачки карти треба да ги држи во свои раце, изјави министерот за надворешни работи на Грција – Никос Дендиас, за трите меморандуми со земјава кои сѐ уште не се ратификувани во грчкиот Парламент.

„Секогаш, секоја Влада оценува кој е националниот интерес и кои карти за преговарање треба да ги држи во свои раце. Така што, мислам дека грчката Влада, новата грчка Влада што ќе произлезе по изборите, за што се надевам и изразувам сигурност дека тоа ќе бидеме ние, ќе го разгледа прашањето и ќе види што е во интерес на Грција“, рече Дендиас во интервју за грчкиот информативен портал „Ин“, јави дописничката на МИА од Атина.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Прашан дали би се обврзал дека по изборите меморандумите ќе бидат изгласани, Дендиас одговори дека тоа не е во негова надлежност.

„Пред сè, и кога би се обврзал јас, не би било важно, бидејќи ако има обврзување тоа треба да дојде од лидерот на партијата и сегашниот и иден премиер. Јас сум министер, не сум премиер“, рече шефот на грчката дипломатија.

Извор: МИА

- Реклама -