Ден по Путин, роденден му е и на премиерот Зоран Заев

45 години – толку полни денес премиерот Зоран Заев, кој е роден на 8 октомври (ден по Путин) 1974 година во Струмица (неговите родители имаат потекло од струмичкото село Муртино).

Основно и средно образование Заев завршил во родниот крај. Дипломирал на економскиот факултет во Скопје во 1997 година, а потоа се запишал на магистерски студии на истиот факултет, на студиската програма по монетарна економија.

Од 1996 година е член на СДСМ. Во два мандати бил член на претседателството на општинскиот одбор на СДСМ во Струмица. Во ноември 2002 станал член на централниот одбор на СДСМ, а во периодот од 2003-2005 година е пратеник во Собранието на Македонија. На 22 март 2005 станува градоначалник на Струмица, каде во 2013-та по третпат победува на локалните избори.

Во јуни 2013, по лошиот изборен резултат на локалните избори и оставката на Бранко Црвенковски, Заев е избран за нов претседател на СДСМ. Во првата половина од 2015 година Заев почнува да ги објавува „бомбите“, кои во голема мера ќе придонесат за падот на владата на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски на предвремените избори во декември 2016-та.

Откако СДСМ формира парламентарно мнозинство заедно со ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците, на 17 мај 2017 година тогашниот претседател Ѓорге Иванов му доделува мандат за формирање влада. Вечерта на 31 мај, со 62 гласа „за“ во Собранието, Заев станува премиер и формира влада.

Како најголеми чекори на владата на Заев ќе останат запаметени оние во надворешната политика. На 1 август 2017-та, Заев и бугарскиот премиер Бојко Борисов го потпишуваат Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. На 17 јуни 2018-та, по силните заложби на премиерот Заев и неговиот тогашен грчки колега – Алексис Ципрас, министрите за надворешни работи на Македонија и Грција – Никола Димитров и Никос Коѕијас, го потпишуваат Преспанскиот договор, со кој земјава се преименуваше во Северна Македонија во сеопштата официјална употреба, а со кој исто така се отвори и вратата на НАТО, додека сѐ уште се чека да се подотвори и вратата на ЕУ. На личен план, поради Преспанскиот договор Заев и Ципрас се номинирани за Нобелова награда за мир за 2019-та.

 

- Реклама -