Демократски сојуз за посетата на Фон дер Лајен: Очекуваме владата и премиерот да бараат ЕУ-преговорите да почнат без условувања

Во пресрет на денешната посета на Урсула Фон Дер Лајен, Демократскиот сојуз очекува претставници на Владата и претседателот на државата, да инсистираат Македонија да ги почне преговорите со ЕУ без какви било условувања и барања кои не се дел од Копенхашките критериуми, соопштија од партијата.

„Македонија од 2006 година направи повеќе непринципиелни отстапки, промена на знамето, Уставот и името на државата, со кои се загрозуваат нашите идентитетски вредности.

Европската унија до крајот на оваа година, треба да ги отвори преговарачките кластери, пристапните фондови и Македонија да ја стави на брза лента за полноправно членство. ЕУ тоа им го должи на граѓаните.

Претседателот на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лајен, треба да се заложи Советот на ЕУ да донесе одлука, историските, образовните и идентитетските прашања да не можат да бидат основа за блокирање на евроинтеграциите на Македонија“, се наведува во соопштението.

Прочитајте и:  Митева: Мора да продолжиме на патот кон ЕУ, тоа е наша стратешка цел и за тоа ќе продолжиме да се бориме

Непринципиелните и негаторски барања од страна на Бугарија, додаваат од Демократски сојуз, треба да бидат предмет на билатерални разговори и да се решаваат со добра волја, меѓусебно разбирање и на реципрочна основа.

„Една од клучните работи што треба да ги направи официјална Софија е да ги признаае правата на Македонците во Бугарија, истите права што ги имат Бугарите во Македонија.

Тоа е мал чекор, но со историски димензии и основа за подобрување на односите помеѓу двата народи и двете држави“, порачуваат од ДС.

- Реклама -