Стратегијата на Македонија за започнување на пристапните преговори за полноправно членство во Европската унија е во колапс и истата треба да се редефинира, оценуваат од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов.
Од партијата наведоа низа факти кои, како што велат, сугерираат дека државната стратегија во однос на евроинтеграцијата е очигледно погрешна, како и тајните разговори кои се водат со Бугарија за деблокада на процесот, и потребно е темелно преиспитување на истата:
„Неразбирливo е тоа што министерот за надворешни работи пред некој ден објави дека имаме предлог договор доставен до Бугарија и чекаме на нивна согласност, па покасно откако Бугарија изјави дека нема таков договор (или го отфрлиле), тоа било предлогот на Португалија, па Германија соопшти дека во 2020 година сме ја чекале Албанија за заедно да ги почнеме преговорите (сега Албанија сака да оди пред нас), па отворање на Културен центар на Бугарите, “Ибан Михајлов” во Битола, изјавата на потпретседателката Јотова, дека досега од Македонија никој на барал признавање на Македонците во Бугарија, дополнително и изјавата на бугарскиот кодош, поранешен министер за одбрана :”Огин да ја гори Македонија без Бугари” итн.., се факти кои сугерираат темелно преиспитување на Стратегијата на Македонија за полноправно членство во ЕУ (ако воопшто ја имаме), која е очигледно погрешна, како и тајните разговори кои се водат со Бугарија за деблокада на овие процеси“, се наведува во реакцијата на Демократскиот сојуз.
Воедно, партијата го повикува министерот за надворешни работи Бујар Османи да го инфирмира Парламентот за сите аспекти на евроинтегративните процеси на земјава, како и за разговорите со Бугарија.
„Со Бугарија треба да градиме добри односи на реципрочна основа и да ги отфрлиме нерационалните историски барања, кои не кореспондираат со историските факти и 21 век“, се додава во соопштението.