Демократскиот сојуз ги осуди шовинистичките и сепаратистички изјави, како паролата „Македонија е бугарска“, на групата Бугари предводени од европратеникот Ангел Џамбаски изминатиов викенд во Скопје.
Од партијата посочуваат дека во Македонија сите граѓани, вклучително и оние кои се чувствуваат како Бугари, може да го негуваат својот етнички и културен идентитет, да формираат здруженија и да ги чествуваат настаните од историјата кои сметаат дека се значајни за нив, но тоа не смее да биде со негирање на македонскиот народ и неговиот идентитет и на штета на карактерот на македонската држава.
Партијата побара да им се забрани влез во земјата на таквите провокатори.
„Демократскиот сојуз ги повикува надлежните институции да ги прогласат за персона нон грата личностите како Ангел Џамбаски и пратеникот во бугарскиот парламент Костадин Костадинов, кои со своите провокаторски изјави и настапи не придонесуваат за негување пријателство и добрососедски односи помеѓу македонскиот и бугарскиот народ и двете држави“, се вели во реакцијата.
Од Демократски сојуз додаваат дека МВР треба да ги следи сите овие активности и, во кординација со АНБ, да реагира и да презема мерки согласно законскитe надлежности.
Од друга страна, граѓаните треба да ценат дали „со ваквиот однос Бугарите треба да бидат дел од конститутивните народи и да бидат вградени во Преамбулата на Македонскиот Устав“, додаваат од ДС.