Демократијата и НБА All-Star викендот

Треба ли НБА да им го одземе правото на кошаркарските фанови да ги бираат стартерите во тимовите на Истокот и Западот?

Kobe+Bryant

Како и секоја година – така и оваа, кошаркарските фанови ширум светот имаат можност да гласаат за стартерите во тимовите на Истокот и Западот кои ќе се сретнат на 14-ти февруари на All-Stars натпреварот во НБА лигата. Дежурните мрчатори отсекогаш ги имало, ама годинава како да се повеќе и погласни, а имаат и аргумент.

Пред само два дена беа објавени првите резултати од гласањето за стартните петорки на All-Star-от во 2016-та. Првото пребројување покажува дека кошаркарот со најмногу гласови досега е Коби Брајант, кој собра речиси 720.000 гласови, повеќе и од минатогодишниот MVP Стив Кари од Голден Стејт Вориорс (тимот во одбрана на ланската титула), кој имаше 510.202 гласа. На третото место беше Леброн Џејмс, со 357.937 гласови.

Да, Коби Брајант е 20 години во НБА и да, минатиот месец објави дека ќе се пензионира на крајот од сезоната. Брајант е и човекот кој прв пат стана Ол-Стар на само 19 години. Логично е фановите да сакаат да му укажат можност уште еднаш, за последен пат да стапне на паркетот на најфенси натпреварот во лигата. Но, 17-кратниот Ол-Стар оваа година има една од најлошите сезони во лигата. Неговиот тим, Лејкерс, имаат скор од само 5 победи и дури 25 порази, што моментално е вториот најлош рекорд во НБА.

Уште еден несфатлив за критичарите резултат од гласањето е присуството на Кајри Ирвинг во стартната петорка. Ирвинг го повреди коленото во минатогодишното финале и оттогаш е надвор од теренот. Оваа сезона имаше само 2 настапа.

Друга замерка е што меѓу ѕвездите има само еден кошаркар на Голден Стејт Вориорс – тимот со 28 победи и само еден 1 пораз досега сезонава. Еј, Вориорс, истиот оној тим што ја почна сезоната со 24-0 во победи, што е втор најдобар старт на некој тим во НБА историјата.

Така, бројките ги охрабрија сите оние што веќе некое време критикуваат дека за демократијата нема место во All-Star натпреварот. Според нив, фановите не треба да бидат тие што ќе избираат кој ќе игра, а кој нема да игра на „ѕвездениот“ викенд. Тоа треба да биде задача исклучиво на тренерите (кои веќе го имаат целосното право да ги бираат резервите), додека најдобриот во лигата треба да го изберат самите кошаркари.

Проблемот, според мрчаторите, е што кошаркарските фанови обично се наклонети кон атлетите кои тие ги перцепираат како ѕвезди. Тоа значи дека оние најдобрите играчи, кои ги поседуваат најдобрите квалитети на спортот и ја жртвуваат сопствената слава во корист на успехот на тимот, обично се изоставени во сенка.

Она што критичарите го забораваат е самата природа на All-Star викендот. Дури и буквално, името во превод значи „Сите ѕвезди“. Самиот настан е замислен да биде спектакл за публиката, празник за кошарката, мерак за очи. Место каде што кошаркарските ѕвезди можат да ги ослободат своите вештини (заради кои и имаат статус на ѕвезди) во полн потенцијал – нешто што не можат да го направат за време на официјалните натпревари бидејќи дел од тие атрактивни индивидуални квалитети не соодветствуваат со тимската игра.

jerome-williams

Што се однесува до кошаркарите кои гинат за тимот… Да, точно е дека можеби не се експонирани и славени како што се ѕвездите на тимот. Но, учеството на All-Star натпревар нема многу да го промени таквиот третман. Од друга страна, таквите „работници“ веќе се во својата природна средина – затоа постојат тимови, затоа постои НБА лигата, затоа постои шампионска титула, затоа постои статистика. Ако тие кошаркари се жртвуваат себе си за тимот, тоа значи дека им е поважен тимскиот резултат, а не нивниот настап на овој или оној спектакл. Од друга страна, вистинските кошаркарски фанови и тоа како ги препознаваат и слават ваквите играчи. Вистинските фанови знаат дека Џероум Вилијамс нема да го предводи тимот во поени (освен можеби кога Торонто игра еден од најважните натпревари, а Винс Картер е повреден), ама знаат и дека ќе се бори како мало луто дете кога ќе му ја земеш топката, спремно да те брка и надвор од аут-линијата, макар и прегазило два-три реда публика. Неговата награда е еден поинаков, ама никако помалку важен статус – „Миленик на публиката“, особено на онаа на Репторс, и тоа од историски размер.

Затоа, на прашањето: „Треба ли да има демократско гласање за All-Star натпреварот?“, одговорот дефинитивно е ДА. Најдобриот потег на критичарите е да се помират со тоа.

- Реклама -