Министерот за здравство Илир Демири денеска на прес-конференција најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, Данил Петровски. Тој рече дека пред извесен период бил прашан од новинар за состојбата на Клиниката за токсикологија каде, како што му било кажано 18 вработени не примиле плата четири месеци и дека во истата институција има за жал и навреди на национална основа.
– Просто не можев да поверувам, дури мислев и дека е провокација. Многу ми е жал, три недели ја испитав ситуацијата. За жал, констатацијата е вистината. Длабоко сум уверен дека луѓето кои ги користат ваквите испади и навреди не го мислат тоа. Навреди на национална основа. Не може доктор да мисли така и да се служи со таков речник. Ќе преземам сериозни мерки, директорот медицински денеска ќе го разрешам од позицијата, иако сме влезени во изборите, изјави Демири.
Министерот за здравство во врска со работењето на организацискиот директор на Токсикологија, рече дека кај економската директорка нема констатирано ниту едно прекршување на право.
Тој нагласи дека е министер за здравство и сите несогласувања „треба да дојдат тука, а не да се искористат за дневни политички цели“.
Демири посочи дека денеска потпишал решение со кое бара длабоко истражување од надлежните институции во врска со вработувањата во јавното здравство.
Прашан дали анонимни писма пуштени вчера во име на вработени, се користат да се одвлече вниманието, дека се исплатени илјадници денари на сметка на луѓе кои не работеле, Демири одговори дека има такви информации. Тој рече дека имало и информации дека се пишувале повеќе работни саати „за да се исплатат луѓе кои се нивни приврзаници“.
На прашањето зошто организациската директорка на Токсикологија денеска не даде изјава на македонски јазик, туку само на албански, додека новинарите беа на Клиниката за токсикологија, министерот кажа дека самиот рекол да не се даваат изјави.
– Оти ако ме забележувате, колку сум воздржан во тоа што го кажувам. Ако има потреба, ќе даде и со преведувачи, одговори Демири на новинарско прашање.
За појавени фотографии на социјалните мрежи со паркирано возило на влез на клиниката, Демири искоментира дека не организациска директорка, министер да е, не смее да паркира на влез на клиника.