Демант од МВР и реакција од АВМУ: Имал ли Боки 13 лично обезбедување од МВР?

Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира дезинформациите што во емисијата „Код“ на ТВ „Телма“ ги изнесе директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) – Зоран Трајчевски, стои во соопштението од МВР испратено вчера до јавноста.

Демантот се однесува на изјавата на Трајчевски дека Бојан Јовановски алијас Боки 13 имал службено обезбедување од МВР:

„Тоа апсолутно не е точно… Непрофесионално и неетички е Трајчевски, кој е на чело на регулаторно тело на кое му е работа да ја штити јавноста од дезинформации и да внимава на етиката во известувањето, самиот да шири дезинформации“, велат од МВР.

Во емисијата „Код“ Трајчевски потенцираше дека доколку МВР навистина го обезбедувало Јовановски како сопственик на телевизија, а тој формално тоа не е, тоа ќе значело потврда дека Боки 13 е таен содружник, што според законот не е дозволиво и подразбира одземање на дозволата на 1ТВ.

Во меѓувреме, од АВМУ реагираат на демантот на МВР:

,Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го повикува МВР меѓуинституционалната соработка и транспарентноста кон јавноста да не ги етикетира како ширење дезинформации. Агенцијата се обрати до МВР за да ги провери сознанијата дека на лицето Бојан Јовановски му било доделено обезбедување како на сопственик на 1ТВ. Како што ѝ е познато на јавноста, регулаторот има започнато постапка за утврдување дали е прекршена законската одредба која забранува тајно содружништво. За да ја утврди фактичката состојба, Агенцијата се обраќа до релевантни државни органи кои би можеле да имаат информација од значење за постапката.

Во овој контекст е и изјавата на директорот на Агенцијата Зоран Трајчевски во емисијата ‘Код’ којшто јасно посочува дека се чека одговор од МВР за да се утврди вистинитоста на добиените сознанија.

Најефикасниот начин за борба против дезинформации и лажни вести е проверката на факти. Токму затоа, сѐ додека не ја затвори постапката, Агенцијата ќе продолжи да бара информации од надлежните институции. Што се однесува до информацијата побарана од МВР, се надеваме дека таа ќе ни биде доставена со истата брзина со којашто беше изготвен вчерашниот демант“ – стои во соопштението од АВМУ.

- Реклама -