Демант на АПИС до Алијанса за Албанците околу игрите на среќа: Сериозни политики не се темелат на весела математика и манипулации

Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа – АПИС, ја демантира, како што велат, „измислената милијарда“ на Алијанса за Албанците, откако партијата излезе со тврдење дека сопствениците на игрите на среќа имаат приходи од над 1 милијарда евра годишно. До ваквиот заклучок партијата доаѓа повикувајќи се на аргументот на АПИС дека државата има корист од 280 милиони евра годишно од игрите на среќа, кои, според Алијанса за Албанците, доаѓаат исклучиво од 18% ДДВ.

„Сериозни политики не се темелат на весела математика и манипулации“, реагираат, меѓутоа, од АПИС.

„Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа – АПИС, не е политичка партија и нема да падне во замката која ја сервира дневно-политичкиот ринг. Сепак, земајќи предвид дека пресметката на Алијансата на Албанците според која приредувачите на игри на среќа во Северна Македонија наводно остварувале профит од 1 милијарда евра годишно е последица на целосно непознавање на економскиот сектор, а можеби и на свесно смислена манипулација, должни сме истата да ја демантираме и да ја запознаеме јавноста со фактите.

Како државниот Буџет годишно се полни со 280 милиони евра од игрите на среќа? Еве ги фактите во кумулативен износ:

  • Приредувачите на игри на среќа имаат законска обврска за плаќање посебна давачка во вкупен износ од 23%, од кои 1,5% одат за потребите на јавното здравство и 1,5% за потребите на Агенцијата за млади и спорт, а останатите 20% директно се слеваат во централниот Буџет.
  • Казината и автомат клубовите дополнително плаќаат годишно и за секоја лиценца која на приредувачите на игри на среќа во строго дефинирана процедура им ја издава Министерството за финансии, а конечно ја одобрува Владата.
  • Приредувачите на игри на среќа како правни лица плаќаат и годишен данок на добивка по стапка од 10%. Плус за секоја поединечно остварена добивка од играње приредувачите имаат обврска да платат 15% данок на истата.
  • Приредувачите на игри на среќа плаќаат плати за вработените и придонеси од работен однос (со двојни дневници за работа во недела, празници, ноќен труд и сменско работење, бидејќи работното време е 24/7), за 10 илјади вработени.
  • Државниот буџет се полни од приредувачите на игри на среќа и преку оданочување на закупнини на деловни простории, ДДВ преку купување опрема, мебел, надоместоци за струја и давање угостителски услуги, со кои се подржуваат меѓу 54 до 100 илјади други работни места надвор од секторот игри на среќа.
  • Конечно, приредувачите на игри на среќа плаќаат огромни суми на ДДВ, но се исклучени од правото да бараат поврат на истото.

Да резимираме, кога ќе се сумираат приходи и расходи, за приредувачите останува 10% од кои треба да ги покријат трошоците за инвестициите и да остварат заработка што е основна цел на секој бизнис. Односно, 1 милијарда профит од игри на среќа во Северна Македонија е нереално да се замисли, а камоли да се реализира!“, се вели во реакцијата на АПИС.

Оттука, потенцираат тие, предлозите за затворање на индустријата за игри на среќа несомнено значи дека тој што тоа го предлага ќе треба да преземе и сериозна одговорност што 10 илјади луѓе ќе ги изгубат своите работни места, државата ќе остане без 280 милиони евра годишен приход и, како што велат, ќе се отворат играчници во подруми, на црно, без државна контрола, како децении наназад.

„Апелираме до политичката партија Алијанса на Албанците, пред да најавува предлог измени на законот за игри на среќа и забавни игри, добро да го проучи овој сериозен економски сектор и да се запознае со начинот на кој што е регулиран.

Во меѓувреме, сѐ уште очекуваме одговор на прашањето, ако во цела Европска Унија и западна цивилизација има организирани, легални игри на среќа, зошто Северна Македонија, која тежнее да стане членка на европското семејство, би била исклучок?“, прашуваат од АПИС.

- Реклама -