Делегација на Венецијанската комисија доаѓа во Скопје да го оценува Законот за јазици

Во рамки на подготовките за изготвување на нацрт-мислење за Законот за употреба на јазиците, делегација на Венецијанската комисија во четврток и петок (5. и 6. септември) ќе допатува во Скопје, каде што ќе разговара со преставници на Владата и претставниците на немнозинските заедници, се вели во известувањето објавено на веб-сајтот на Комисијата.

Нацрт-мислењето ќе биде дел од агендата на пленарната седница на Венецијанската комисија закажана за во октомври 2019-та. Изготвувањето на нацрт-мислењето за Законот за јазици е финансирано преку заедничкиот проект на Европската унија и Советот на Европа за Западен Балкан и Турција, а имплементиран од Советот на Европа.

Поаѓајќи од она што Владата го ветуваше при донесувањето на Законот, евентуалните забелешки од Венецијанската комисија ќе бидат имплементирани во Законот за употреба на јазиците без оглед што тој веќе е изгласан и во сила.

Прочитајте и:  Ден на албанската азбука: Ниту едно добиено право не може да се укине или ограничи - му порача Меџити на Уставен суд

Законот за јазици беше објавен во „Службен весник“ на 14 јануари, со потпис на претседателот на Собранието – Талат Џафери, а без потпис на екс-претседателот Ѓорге Иванов, бидејќи тој одбиваше да го потпише. Со објавувањето во „Службен весник“ и официјално стапи на сила, а тоа Џафери го соопшти доцна вечерта преку Фејсбук, по што следуваше долга низа честитки, особено меѓу функционерите и членовите на ДУИ.

- Реклама -