Дедо Мраз имал срцев удар на приредба во градинка, меѓу децата било и неговото внуче (ВИДЕО)

Дедо Мраз починал во градинка во сибирскиот град Кемерово (околу 3.600 километри од Москва) додека играл со децата. Како што се гледа од видеото, во еден момент „старецот“ енергично трча и игра со децата, а веќе во следниот одеднаш застанува и паѓа на земјата. Децата прво мислат дека е дел од играта, потоа застануваат збунети па притрчуваат околу паднатиот Дедо Мраз.

Набрзо пристигнала Брза помош, но човекот починал на пат кон болница. Било утврдено дека имал фатален срцев удар.

Да биде трагедијата поголема, човекот во костумот бил 67-годишниот локално познат актер – Валери Титенко. Според неофицијални извори, тој секоја година земал слободен ден од театарот за да им прави приредба на децата во градинката, во која одело и неговото внуче. И тоа било меѓу децата кога Титенко се струполил на земјата.

Во последно време Титенко имал влошено здравје, а неодамна имал и сложена операција на срцето. Меѓутоа, продолжил активно да настапува во театарот, без воопшто да се штеди, велат неговите колеги. Како и претходните години, и оваа година Титенко добил слободен ден, но инсистирал да оди на приредбата во градинката.

Според ова, безбедно е да заклучиме дека Титенко починал правејќи го тоа што најмногу го сакал – усреќувајќи ги децата во градинката на своето внуче. Од перспектива на децата, меѓутоа, тешко е да се најде светлата точка во приказната.

 

- Реклама -