Дедо Мраз постои во имагинацијата на многу деца, ама не и во таа на севернокорејските. Најголемиот дел од нив никогаш не ни чуле за него.
Тамошната влада константно работи на спречување на влез на било какви информации околу Божиќ, па како резултат на тоа, многу од граѓаните на Северна Кореја не ни знаат дека постои таков празник.
Тие што знаат и ќе се обидат да го слават, наводно, можат да бидат „затворани, мачени и убивани“, вели Канг Џимин – пораснат во Пјонгјанг. До неговото бегство од С. Кореја, ни тој самиот не знаел што е Божиќ.
„Таму нема Божиќ. Тоа е празник на Исусовото раѓање, но Северна Кореја е комунистичка држава и луѓето не знаат кој е Исус. Не знаат ни кој е Бог. Семејството Ким е нивниот бог“, додава Џимин.
Како што пренесува Independent, украсени елки сепак можат да се најдат во Пјонгјанг. Меѓутоа, тие стојат украсени преку целата година, па луѓето не се свесни за нивното празнично значење.
А тука стигнуваме и до Јужна Кореја. Без одобрение на севернокорејската влада, Јужна Кореја им има изградено кула во облик на новогодишна елка токму во близина на границата. Кулата е оддалечена околу три километри и кога свети за Божиќ е видлива од повеќе севернокорејски села во близина на границата. Пред три години Северна Кореја се закани дека ќе ја сруши кулата, со образложение дека претставува „психолошка војна“.
Додека Севернокорејците покрај границата се чудат што е со кулата и славењето Божиќ е забрането, славењето на роденденот на Ким Џонг Сук (починатата баба на Ким Џонг Ун) не е. Роденденот ѝ паѓа баш на 24 декември, а се одбележува со одење на аџилак во североисточниот град Hoerjong, каде што е родена.
„Родендените на Ким Џонг Ун и Ким Џонг Ил се важни, ама се слави и роденденот на Ким Џонг Сук. Луѓето се собираат и пијат алкохол“, вели Канг Џимин. Дома во Северна Кореја, вели, не познавал ниту еден христијанин. „Владата ги контролира сите медиуми и сиот интернет, а луѓето кои ги запознав не знаат кој е Исус“.
Е па нека ѝ е среќен роденден на Ким Џонг Сук, тогаш.