„Пријателите се бираат, но семејството не“ е стара народна изрека која е како скроена за приказната на Рајнер Хес. 48-годишниот Германец е дел од семејство познато по тоа што учествуваше во еден од најгрозоморните злочини направени против човечноста. Згора на тоа, тоа семејство никогаш доброволно не призна дека злочинот воопшто се има случено.
Кога Рајнер имал 12 години, за прв пат го плеснала помислата дека неговиот дедо Рудолф Хес бил главниот џелат во Аушвиц. Не само што тој ги надгледувал погубувањата на повеќе од милион и пол Евреи, Роми и политички неподобни лица, туку тој лично помогнал да се претвори Аушвиц од стар воен логор во машина за смрт, способна да згаси и по 2.000 животи со секој изминат час. Дедо му дури и ја измислил гасната комора и го вовел Циклон Б – озлогласениот гас користен за убивањето на деца и старци во овие комори.
Сознанието дека дедо му бил нечовек било само пола од шокот, другата половина е тоа што сите овие ѕверства биле спроведувани само на пар стотина метри од семејната вила во која таткото на Рајнер растел опкружен со играчки направени од затворениците во Аушвиц и уште помордибно – берел јагоди врз кои паѓал пепел од спалените луѓе.
Родителите на Рајнер, пак, му ја полнеле главата со нацистичка пропаганда, според која неговиот дедо може да се окарактеризира како прав херој. Бруталната вистина внукот ќе ја дознае во школо, а тоа е и моментот кога ќе сфати зошто постарите луѓе се штрецнуваат кога ќе им го каже своето презиме, зошто не смее да патува со останатите деца на екскурзија во Аушвиц и зошто школскиот градинар – некогашен затвореник во логорот – го има претепано пред самото училиште.
Со оглед на тоа што неговото семејство никогаш не изразило подготвеност да ја признае улогата на Рудолф Хес во геноцидот, пред 30 години Рајнер престанува да зборува со нив. Напротив, тој го посветува животот на борба против порекнувачите на холокаустот, без разлика што тоа ќе го претвори во бела овца (меѓу црните) во семејството.
„Не сакав да бидам дел од семејство кое на масовен убиец гледа не само како на херој, туку и како жртва на Евреите и сојузничките сили… И покрај илјадниците историски потврдени документи и сведоштва од прва рака околу мојот дедо, тие и понатаму го одрекуваат сето тоа“.
80-годишната тетка на Рајнер – Инге-Бриџит – поранешен модел за луксузната модна куќа Баленсијага, сега живее во Вашингтон и работи во еврејски бутик (иронијата е огромна). Во едно интервју таа рече дека внук ѝ е „еден зол младич, лажлив наркоман желен за слава и пари“. Барем олеснително е што не порекнува дека Евреите биле убивани во камповите, ама и таа не верува дека во прашање биле милиони. Дури и кога Томас Хардинг од Вашингтон Пост истакна дека нејзиниот татко ја признал одговорноста за смртта на преку милион Евреи, таа тврдеше дека Британците го „изнудиле таквото признание од измачениот човек“.
И други членови од семејството на Хес имаат слични ставови. Неговата внука Анита, која живее во Сиднеј, на еден форум посветен на жртвите на холокаустот изјави: „Не се срамам. Цифрите се далеку пренагласени кога се во прашање Евреите во Втората светска војна. Имаше народи кои многу повеќе пропатија – Русите под Сталин, на пример. А Евреите и понатаму се ставаат себе си на прво место како жртви – доста веќе со тоа“.
Рајнер не може да остане имун на ваквите изјави и констатира дека, за жал, идеолошкото семе посадено од неговиот дедо и понатаму вродува со плод. „Ако некогаш ја сретнам Анита, само би ја поканил да дојде со мене во Аушвиц и да поразговара со преживеаните“.
Тој прв пат лично го посетил кампот во 2009 година. Посетата му помогнала да оствари контакт со преживеаните „логораши“ и нивните семејства. Во една прилика таму ја сретнал и Ева Мозес Кор, врз која Јозеф Менгеле („Ангелот на смртта“, како што е прочуен) вршеше озлогласени експерименти во Аушвиц. Денес се толку блиски што таа гледа на Рајнер како на внук. „Нашата врска е симбол кој говори дека омразата помеѓу етничките групи не мора да постои“.
Во 2010 година, Рајнер учествуваше во снимањето на израелско-германскиот документарец под наслов „Хитлеровите деца“. Снимен во Израел, филмот се бави со потомците на најмоќните фигури на нацистичкиот режим (како што се Хајнрих Химлер, Ханс Франк, Херман Геринг, Рудолф Хес) и со тоа како тие го доживуваат страшното семејно наследство. Во филмот, група студенти го прашуваат Рајнер што би направил ако денес го сретне својот дедо. Рајнер без размислување одговара: „Би го убил со голи раце“.
„Тоа беше психички и емотивно исклучително тежок момент за мене, стоејќи таму пред сите тие еврејски студенти, јас, внукот на масовен убиец на Евреи. На нивното прашање е невозможно да го дадам вистинскиот одговор, но се обидов да бидам што е можно поискрен“, објаснува внукот.
Пред неколку години, Рајнер наследи огноотпорен ковчег од триесет килограми, украсен со свастики – подарок од Химлер за неговиот дедо – во него најде златен прстен со печат, сто семејни фотографии и слајдови, како и необјавениот дневник на Рудолф Хес во кој џелатот на повеќе од 2100 страници го опишува своето време поминато во Аушвиц. Меѓу другото, дневникот содржи и голем број идеи за поефикасно спроведување на геноцидот.
Во 2009 година тој проба да го продаде ова семејно наследство на израелскиот комеморативен музеј Јад Вашем. Обидот не се одвиваше според планот, бидејќи тамошните медиуми го нападнаа дека сака да заработи од холокаустот. „Да ми беше до парите, можев тоа да го продадам на некоја нацистичка група“, вели Рајнер во самоодбрана. „Свесен сум колку беше тоа глупав потег, јавно се извинив повеќе пати и претрпев меѓународни прекори“.
Нешто подоцна, му го отстапи ковчегот на Институтот за современа историја во Минхен, каде се наоѓа и ден денес. Дел од документите достави кај тим адвокати, кои моментално се обидуваат да подигнат обвиненија против поранешни SS стражари, а Рајнер дури и им се придружи на патувањето во САД.
Изнесувањето на поранешни нацисти пред лицето на правдата дефинитивно е од помош, но Рајнер смета дека најсилното оружје во борбата против наследството од дедо му е соработка со младите. Тој посветува полно работно време на едукација на младите луѓе по однос на опасностите од неонацизмот и десничарскиот екстремизам во Германија. Само лани, тој одржа предавања во преку 70 образовни установи.
„Децата се живо заинтересирани за мојата приказна, секогаш имаат многу прашања, некои дури и пренесуваат приказни што ги чуле од своите баби и дедовци“.
Покрај јавните настапи, Рајнер се надева и дека германската влада ќе му овозможи да води деца на екскурзии во Аушвиц, каде би можеле лично да ја искусат емоционалната тежина на холокаустот.
„Кога и да го посетам логорот, гледам млади луѓе во солзи, затечени од чистата бруталност на она што таму се одвивало“.
Хес е свесен дека веројатно до крајот на животот ќе го носи на плеќи крстот оставен од неговиот дедо, но независно од тоа, се залага и делува колку може во насока на спречување на евентуална нова појава на нацистичката идеологија.
Во една кампања, Рајнер ќе рече: „Јас најдобро знам колку често луѓето сакаат нешто да заборават. Толку пати и сам посакував да го порекнам минатото – да се правам дека сум некој друг. Но минатото не смее да се заборави, колку и да е болно. Бидејќи тие што ја забораваат историјата, осудени се да ја повторуваат“.