Прислушкував без да сакам.
Две жени на триесет и кусур, вработени, со пристојни и претставителни изгледи.
Едноставно немаше како да го избегнам муабетот – седеа на соседната маса, на помалку од метар, пиеја некакво розе и зборуваа за мажи.
„Замисли – раскажуваше едната – ме покани на вечера кај него и готвеше! Пиевме вино, потоа стави една престилка и за кратко време нешто замати и Voila!… “
Следи расказ во детали за тоа што точно имал во фрижидерот, како ја измил и пресекол храната, како во меѓувреме зборувале за политика, историја, исфрлање на ѓубрето, сурфање, основно образование во училиште, како ја наредил масата, ставил чај, а “градот светел како на кино”, како мачката му заспала на џемпер и слично.
Потоа приказната нагло пропушти еден распон од околу шест часа, па се префрли на утринското кафе кое било послужено во кревет, потоа палачинки лично направени од истиот маж…
Ок, и јас тука веќе го замислував токму она филмско клише со најубавата жена која се буди гола меѓу чаршафите, гледа дека него го нема, но слуша како тропкаат садови од кујната, станува од кревет облечена во неговата бела или светлосина кошула со долги ракави, а тој горе е гол со крпа преку рамото готви нешто.
Непотребно е да опишувам како другата жена слушаше и романтично воздивнуваа заедно, па затоа и ја праша она типичното: “Каде го најде тој маж меѓу морево од сексисти, бееее?!” звучеше не само како пософистицирана форма на „Уф, си ја нареди ти работата!”, туку и како кратко и прецизно објаснување на еден многу важен факт – дека голем дел од мажите се ужасно заблудени што е она што всушност жените го прифаќаат како секси во машката природа.
“Знаеш само како одлично изгледа во профил кога е така зафатен со нешто и како трепка со очите додека ме чека да испијам од сокот за да ми достави уште …”
Разговорот на жениве некако ми даде одговор – ние се заљубуваме во детали, преку било какви мали лични особини кои ги пронаоѓаме кај мажите. И најмногу во начинот на кој нè тераат да се чувствуваме.
Ајде сега вие девојки кои го читате овој текст, сетете се дали не ви се случило да паднете ужасно на некој кој ама никако не се покрива со никаков, камо ли со универзалниот идеал за убавец.
Односно, нема развиена фитнес маса, не зборува постојано за луди забави, не е извајан, нема работа од соништата, не вози ѕверски автомобил и не живее во дворец?
Сигурна сум дека повеќето мажи, поради кои жените паѓаат на колена, воопшто не покриваат и една десетина од листата со квалитети кои “ги очекува” една жена и кон чие исполнување голем дел од мажите целат.
Ако не се согласувате, значи или уште немате триесет или уште не сте го сретнале оној маж кој ќе ви ја заврти главата така што воопшто нема да обрнете внимание на универзалните модели за убавина.
Познавам еден, всушност двајца симпатични дечки кои не изгубија ни капка од личниот шарм, додека губат влакно по влакно од вегетацијата на темето. Познавам и десетици жени кои можат да го потврдат тоа.
Второ прашање: Дали сте паднале на полнички мажи со стомаци?
Откако ќе потврдите дека ви се случило, при тоа не затоа што биле од типот “Мечето со евра”, туку едноставно затоа што биле волшебници со супер хумор, почит и шарм доаѓаме до главната поента.
Општеството може и да го стави машкиот стомак во исти кош со женскиот целулит, но вистината е дека на крајот тие не се клучни за едно лудо заљубување.
Го кажувам ова од аспект на жена, а при тоа воопшто не ги земам во предвид оној тип на девојки кои гледаат на машкиот дел на светот како на движечи паричници.
Пред неколку години една моја пријателка се заљуби во едeн маж. Тој беше сето она на кое што девојките претенциозно велат “Ти си поубава од него” кога си разговараат едни со други.
Над сто и дваесет килограми, со големи колкови и лице потонато во големите образи.
Пред да го претстави во женскиот пријателски круг, таа долго време нè подготвуваше.
Сепак, никој не можеше да се посомнева дека зад “малку полничкиот”, “малку ќелавиот” и “помалку убав момак” се криеше токму такво комично суштество кое успеа да го освои срцето на мојата пријателка.
Згора подоцна стана јасно дека најголемиот порок на предметниот супермаж беше тоа што постојано бил во фаза на потера на женски срца, за што очигледно надворешниот изглед ни најмалку не му пречеше.
Кога неодамна ја прашав што мисли за тоа нејзино длабоко заљубување токму во овој антисекси маж, кое заврши со очајно раскинување, таа меланхолично погледна на земјата, направи поетска пауза и рече:
“Тој имаше одлично чувство за хумор – ме тераше да се смеам постојано …”
Во оној наслушнат разговор меѓу двете жени на масата всушност никогаш не стана збор за тоа како точно изгледа мажот, каде готвел и како изгледал станот. Не разбрав ни дали е дебел или слаб, дали има коса или не, дали има крупни очи или влакна низ целото тело…
Бидејќи тоа всушност немаше никакво значење.
Љубовта се случила без да и купи Ајфон, или да и остави букети пред вратата како во филмовите…
Љубовта се случила во неговиот профил, во трепките, во разговорот за ѓубрето во соседството, во сечењето на зеленчукот, во престилката и дрвената лажица, мачката.
Веројатно во подготвеноста да се погрижи да и биде убаво.
И да ја натера да се смее.
Ете тоа е секси за жените. Барем за оние кои што стандардот си го носат и одржуваат сами. За останатите … не сакам да ги мислам.
Марија К.