Во рамки на проектот “Испрати љубов” инициран и поддржан од Inner Wheel Club од Скопје, штитениците од домот 11 Октомври вчера насликаа прекрасни дела на тема љубов, кои во следната фаза од проектот ќе бидат претворени во честитки.
Околу 20 деца на возраст од 12-18 години со задоволство прифатија да бидат дел од овој општествено одговорен проект кој има за цел преку продажбата на честитките да обезбеди средства кои ќе бидат наменски донирани на домот.
“ Ви благодарам што прифативте да бидете дел од овој проект и сигурна сум дека денес секој од вас ќе нацрта прекрасен цртеж, кој потоа ќе добие форма на честитка. Нашата главна цел денес како здружение е накратко преку вакви активности да Ви го разубавиме секојдневието и да се обидеме преку оваа хуманитарна акција да собере средства кои потоа ќе бидат донирани во вашиот дом”, изјавиja Анета Антова Пешева, претседател на Inner Wheel Club Скопје и дел од членовите на клубот Весна Николовска, Aнгелина Ќука и Џули Секуловска.
Откако ќе бидат испечатени честитките истите преку клубот ќе се продаваат на компании и институции кои имаат желба да им помогнат на штитениците на домот 11 Октомври.
Мисијата на Inner Wheel Ckopje е промоција и организација на активности, услуги и позитивни практики, со цел подобрување на животот на жените и децата во светот, преку глобалната мрежа на членки, кои донираат на волонтерска основа – средства, посветеност и љубов на останатите.