Децата под 15 години во Грција ќе бидат ограничени во користењето на социјалните медиуми од 2027 година.

Грција најави ограничувања за пристап на деца и тинејџери помлади од 15 години до социјалните медиуми, потврди премиерот Киријакос Мицотакис. Предлог-законот се очекува да биде поднесен во Парламентот во текот на летото, со цел да стапи на сила од 1 јануари 2027 година. Оваа мерка е иницирана како дел од напорите за заштита на младите од потенцијалните ризици што ги носи интернетот и за промовирање на безбедно користење на дигиталните платформи.

„Сигурен сум дека многу од помладите ќе се чувствуваат лутити. Да бев на ваша возраст, можеби би ја споделил истата реакција. Но, зависноста создадена од дизајнот на некои апликации, моделот на заработка кој се базира на вашето внимание и времето што го поминувате пред екранот, мора во некој момент да биде решена“, изјави Мицотакис преку видео на ТикТок.

Прочитајте и:  Папата Лав: „Доволно е со војните, доволно е со покажувањето на моќта“

Владата на Мицотакис веќе воведе забрана за користење мобилни телефони во основните и средните училишта, а долго време најавуваше и ограничувања за социјалните медиуми. „Грција ќе биде една од првите земји што ќе воведе таква иницијатива. Сигурен сум дека не ќе бидеме последни. Планираме да вршиме притисок врз Европската Унија во таа насока“, додаде тој.

Покрај Грција, и држави како Велика Британија, Франција, Португалија и Шпанија размислуваат за слични ограничувања за младите на социјалните платформи. Австралија, пак, беше првата земја која воведе ограничување, забранувајќи на лицата помлади од 16 години да користат социјални медиуми.