Унгарскиот првак Дебрецин ќе му биде ривал на Вардар во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите доколку македонскиот првак успее да го совлада Бате Борисов на реваншот во Скопје.
Фудбалерите на Дебрецин на вчерашниот реванш дуел славеа со убедливи 3:0 над албанскиот првак Скендербег, со што ја надополнија негативата од 0:1 од првиот меч на гостински терен.
Кулибали беше херојот на унгарскиот шампион на овој натпревар, постигнувајќи го првиот и третиот погодок за својот тим, додека еднаш патот до мрежата на Скендербег го најде и Варга. Според ждрепката што беше извршена во петокот, Дебрецин за ривал во третото квалификациско коло ќе го има подобриот од двомечот меѓу Вардар и Бате Борисов.
Белорускиот претставник има предност од 3:2 по првиот дуел, но „Вардарци“ во преполната арена „Филип Втори“ ќе се обидат да го минат силниот противник и да го продолжат настапот во Европа.