Најчести причини за дебелеење

Речиси секоја жена бар еднаш во животот се бори со вишокот килограми, но за таа борба да биде успешна мора да се најде причинителот на дебелината. Проблемите со тежината најчесто се јавуваат поради одредени животни навики. Еве ги најчестите причини за дебелеење.

Неконтролирана исхрана

Секојдневно јадеме толку многу нездрави ситници, а не сме ни свесни за тоа. Ако сакате да знаете што точно внесувате во организмот, обидете се да водите дневник за оброците. Не станува збор за постојано броење на калориите, туку за контрола на нездравото грицкање на слатки и солени работи што се магнет за килограмите.

Женската генетика

Дали вашата мајка добила многу килограми во текот на бременоста? Ако одговорот е позитивен, тогаш можно е и вие да водите борба со килограмите. Истражувањата покажуваат дека жените што биле многу дебели за време на бременоста имаат поголеми шанси да родат деца склони кон дебелеење, кое може да се манифестира и во подоцните години од животот.

Мала физичка активност

Сите знаеме дека вежбањето ги топи килограмите, но многу жени не се свесни дека кога се неактивни не може да го потрошат ни основниот дневен внес на калории. Освен што е добро за здравјето, вежбањето го забрзува метаболизмот и ги топи килограмите.

Прескокнување на појадокот

Метаболизмот функционира како автомобил. Ако не му ставите гориво, нема да може да тргне. Појадокот е горивото што вас ви дава сила, но и потребна енергија за стартување на метаболизмот што ја разградува храната и го движи вашето телото. Нутриционистите препорачуваат појадокот да го изедете еден час по будењето, а најдобар избор се житарките со суво или јаткасто овошје.

Алкохол

Најголемиот број луѓе не гледаат проблем во повременото пиење алкохолни пијалоци, но имаат проблем со килограмите. Треба да се земе предвид дека дури и умереното пиење алкохол како чаша вино со ручекот, може да влијае на вашата диета.

Премалку сон

Неправилниот сон води до неправилна исхрана. Најновите истражувања покажуваат дека недостигот на сон може да доведе до зголемување на хормонот на стрес – кортизол, кој го поттикнува апетитот. Затоа, ако се борите со килограмите најважно е да си обезбедите седум часа редовен сон.

Хормонално пореметување

Проблемите со хормоните, исто така, може да предизвикаат трупање на килограмите. Тироидата го контролира метаболизмот, а ако се намали нивото на хормони во оваа жлезда, голема е веројатноста дека ќе дојде до промени со тежината.

- Реклама -