Дац и Александар со порака до бугарскиот премиер: Г-не Борисов, кај нас првиот комшија е како роднина…

Откако политичарите успејаа наместо пријателство да разгорат само омраза меѓу двата, како што самите велат, „братски“ народа од двете страни на границата, во помирувачка мисија тргна актерот и пејач – Драган Спасов Дац. Во порака на Фејсбук, тој го поздрави бугарскиот премиер Бојко Борисов со бугарска љубовна песна која тој и Александар Митевски ја пеат во рамки на својот нов проект „Пасош на љубовта“. Покрај песната, Дац на Борисов (кој се претвори во нивниот можеби најголем промотор во Бугарија кога во џипот си ја пушташе „Корона, чао“) му испрати и малку народна мудрост во поглед на тоа колку е важно добро да си живееш со првиот комшија.

„Господине Борисов,
Ви пишувам на мојот јазик затоа што знам дека добро се разбираме и за нашите два јазика немаме потреба од преведувач.

Господине Борисов,
кај нас првиот комшија е како роднина. Кај него одиш да побараш помош во секое време, а и тој го прави истото кога ќе му затреба нешто. Дали ти требало шеќер, брашно, леб, клешта, помош да се пренесе нешто… тука е првиот комшија. Ако не си во добри односи со првиот комшија, ќе треба за едно штрафче да одиш спрат подолу или погоре, но тој не ти е прв комшија, затоа што веќе си има свој прв комшија.

Сигурен сум дека тоа е случај и кај вас, па ќе ме разберете за што ви зборувам. Ние сме срдечни луѓе, полни со љубов, кои знаат да сакаат кога се сакани. Има и од оние другите, но такви има секаде. Лесно е да се мрази, тешко е да се сака, затоа што љубовта и пријателството бараат разбирачка, а ние мора да се разбереме.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

Господине Борисов,
со Александар направивме еден проект кој се вика ‘Љубовен пасош’, каде пееме љубовни песни од целиот регион. Досега имаме македонска песна, грчка песна, српска, босанска, влашка, руска, турска, бугарска… Мисијата на нашето дуо е да шириме љубов преку музиката. Сите тие се прекрасни песни, испеани со многу љубов, а за песната и љубовта – нема граници, посебно ако не ни треба превод за да ги разбереме зборовите. Нашите два јазика се слични и оттаму вие без проблем ја слушавте нашата преработка ‘Корона чао’, дури и ја споделивте на вашата ФБ страница.

Колку повеќе јазици разбира човекот, дотолку е побогат. Еве, слушнете ја ‘Целувката на Ана’, песната која неодамна ја отпеавме во оригинал на бугарски јазик, како дел од ‘Љубовниот пасош’ и да не дозволиме наместо од првите комшии, да се симнуваме спратови подолу за било каква помош. Затоа што тие, долу или горе, веќе имаат свои први комшии.

Поздрав од Дац и Александар“, му порача актерот.

Претходно, музички поздрав до Борисов, ама и до Каракачанов, испрати и македонскиот шоумен Игор Џамбазов. Додуша, неговата порака е малку поинаква (видете ТУКА).

- Реклама -