Неодамна, данскиот парламент со мнозинство гласови го ратификуваше поострувањето на данскиот Закон за азил, во обид Данска да се направи помалку атрактивна дестинација за бегалците и мигрантите. Меѓу другото, со предлог законот L87 се продолжува задолжителното време за чекање на правото за повторно обединување на семејството од една на три години, се намалува финансиската помош за барателите на азил за 10 отсто и се скратува дозволата за престој за идните баратели на азил во Данска. Тука е и фактот за кој многу се пишуваше во сите светски медиуми, дека законот дозволува полицијата да им ги конфискува скапоценостите на бегалците. Ова се прави со цел да се финансира нивниот престој во земјата додека тие чекаат одобрение за азил.
Тоа е составен дел на новиот закон кој Данците го нарекуваат „Закон за накит“, нешто што предизвика најмногу негодување во светот по повод оваа контроверзна мерка. Данска нема добиено ваков вид внимание уште од како дневниот печат Jyllands-Posten пред десет години одлучи да ги објави карикатурите на пророкот Мухамед. И, исто како и тогаш, тоа не е оној вид на внимание на меѓународната јавност поради која луѓето отвораат шампањ во канцелариите на локалните туристички агенции.
Можете да го доведете во прашање легитимитетот на жестоките критики во меѓународните медиуми во кои Данците се споредуваат со нацистите, кои од Евреите запленувале големи количества злато и други вредни предмети. Сепак, останува фактот дека данската полиција сега има дозвола да го претресе секој човек кој бара азил во Данска и од него да заплени одредени вредни предмети што тој ги поседува.
Кога е во прашање новиот закон, данскиот премиер Ларс Леке Расмусен рече дека „поентата е во тоа да се да се биде на чисто дека за сите важат истите стандарди, без разлика дали се тоа лицата баратели на азил или Данците, а овие стандарди се имплементираат со цел да се обезбедите себеси, доколку сте во можност“. На полицајците, сепак, им е дозволено да запленат скапоцености во вредност поголема од 10.000 круни (1.340 евра), а кои не се од сентиментална вредност. По сето ова, се поставува прашањето колку сериозно влијание ќе има овој закон врз реалниот живот на овие луѓе.
За да ви биде појасно каков вид скапоцености поседуваат бегалците по пристигнувањето во данска, Вајс Данска направи посета на старата болница во пристанишниот град Хелсингер која е претворена во центар за прием на околу 150 бегалци. Еве што со себе имаа пет момци, кои се согласија да зборуваат со новинарите, кога прв пат се најдоа тука.
Абдул Кадер е 44 годишен Сириец. Тој дошол во Данска пред пет месеци. Највредниот предмет во негова сопственост е црната нараквица, подарок од неговата 16-годишна ќерка. Во моментов таа е во Турција со братот, сестрата и мајка им. Абдул Кадер проценува дека сите овие предмети вкупно вредат околу 1.500 круни (200 евра).
Субхи Мухамед доаѓа од Сирија и има 40 години. Тој е во Данска веќе 4 месеци. Неговата сопруга и трите деца сé уште живеат во Сирија. Најважното нешто кое го има е телефонот, кој е полн со фотографии од неговите деца. Субхи Мухамед проценува дека вредност на сите негови скапоцености е околу 1.700 круни (230 евра).
Лаит Вадеа има 31 година и доаѓа од Ирак. Во Данска, тој поминал пет месеци. Во Ирак работел како наставник и ковач. Најомилениот личен предмет му е сребрениот ѓердан со медалјонот на Богородица, подарок од неговата мајка. Освен ѓерданот, тој поседува ајфон и лажен часовник. Тој проценува дека вкупната вредност на целиот негов имот е околу 6.000 круни (800 евра).
Нашет Бланк има 40 години. Од Сирија, тој допатува во Данска пред четири месеци со неговата сопруга и трите деца. Тие продале сé што имале за да бидат во можност да отпатуваат во Европа, вклучувајќи ги и нивните бурми. Телефонот и паричникот ништо не му значат. Тој проценува дека заедничка вредност на сите негови лични работи не надминува 500 круни (70 евра).
Ахмад Фарман има 25 години и доаѓа од Ирак. Во Данска пристигнал пред 5 месеци. Сé што поседува за него е од еднаква важност, иако во телефонот има неколку фотографии кои му се особено драги. Тој проценува дека сите заедно, предметите вредат вкупно околу 1.500 круни (200 евра).